Институциите градат механизми што ги зајакнуваат капацитетите на правната држава, истакна на денешната прес-конференција портпаролот и пратеник на СДСМ, Костадин Костадинов.

– Правдата, законите важат за сите подеднкаво и тоа е очигледно и јасно воочливо. Катица Јанева е прв обвинител досега во земјава кој е во притвор како осомничена за злоупотреба на службената положба. Тоа е нешто што беше незамисливо во времето на владеењето на ВМРО-ДПМЕ, кога голем дел од судиите и обвинителите кои беа во директна спрега со режимот на Никола Груевски. „Сваровски“ судството и режимот на ВМРО-ДПМНЕ креираа систем на селективна правда и уривајќи ги сите принципи на правната држава, со што придонесоа за исфрлање на нашата држава од европскиот колосек, рече Костадинов.

Денес, додаде тој, тоа е минато, наместо неправда, има правда за сите.

– Случајот „Рекет“ и заминувањето на Катица Јанева од челната позиција во СЈО не ги амнестира од кривична одговорност поранешните носители на високи државни функции за сите криминали и злоупотреби што произлегоа од снимките од масовното прислушување. Сите тие случаи мора да продолжат да се процесуираат и да добијат судска разврска за да има правда. С. Македонија е правна држава во која законите важат за сите подеднакво. Секој за кого низ отворена судска постапка ќе се докаже дека постпаувал незаконски одговара согласно законите во РС Македонија. Амнестија нема и нема да има за никого, без разлика на неговата верска, етничка или политичка припадност, рече портпаролот на партијата чиј лидер, Зоран Заев, е единствениот аболициран премиер во Европа.