Пред 76 години е исполнет аманетот што го оставил македонскиот апостол Гоце Делчев, неговите коски да почиваат во главниот град на слободна и незавинса Македонија.
На денешен ден 10 октомври 1946 година, во Скопје, во црквата „Свети Спас“, со сите државни почести и пред повеќе илјади Македонци и граѓани од цела Македонија, биле положени моштите на големиот македонски идеолог, револуционер, учител и војвода Гоце Делчев.
Моштите два дена пред тоа македонската делегација ги донесла од Софија, а неговиот завет да биде погребан во слободна Македонија се исполнил во предвечерјето на прославата на 11 Октомври, Денот на македонското востание против фашизмот.
Македонскиот визионер, организатор и предводник на македонското национално ослободително движење загинал на 4 мај 1903 година во селото Баница. По неговата смрт, на иницијатива на началникот на серскиот гарнизон Тефиков, била дадена наредба неговото тело да се однесе во серската општина и таму да се погребе.
Но, и од Солун била испратена заповед телото на Делчев да се врати во селото Баница и Гоце Делчев таму да биде погребан. Три години подоцна, моштите на Гоце Делчев биле откопани од страна на неговиот соборец Михаил Чаков и ставени во олтарот на црквата во селото Баница, а во 1917 година тој самоиницијативно ги пренел во Софија.
По ослободувањето на Македонија, моштите на Делчев ставени во специјален резбан саркофаг, на кој била испишана пораката „Го заколнуваме поколението, овие свети коски да се однесат во престолнината на слободна и независна Македонија“, ги презела Илинденската организација.
Потоа саркофагот со останките од македонскиот апостол бил изложен во црквата „Света Недела“ во Софија.
Илинденската организација во Софија повеќе од четврт век ги чувала моштитe на Делчев, сè до октомври 1946 година.
Така по 43 години (1903-1946) по смртта на Гоце Делчев, во договор меѓу македонската и бугарската власт во 1946 година, моштите на великанот Гоце Делчев тргнале на патешествие од Софија преку Пиринскиот дел на Македонија кон Скопје.
Ѓорѓи Николов Делчев, попознат како Гоце Делчев е роден во Кукуш во Егејска Македонија на 4 февруари 1872, а неговите останки денес почиваат во гробот во „Св. Спас“.
Видеото од пренесувањето на моштите на Делчев во слободна Македонија може да по отворите ТУКА.
(Подготвил: Д.Г.)