Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки во објава на фејсбук најави намалување на законски предвиденото покачување на вработените во Армијата на Република Македонија. Неговиот пост го пренесуваме во целост.

Почитувани припадници на АРМ, деновиве ќе се случи една голема неправда кон сите вас од страна на Министерот за одбрана.

Министерот за одбрана ќе ви го намали договореното покачување на платите и наместо законски изгласаните 5.000 – 7.000 денари (кај повисоките чинови и повеќе), истото ќе биде двојно помалку. Да образложам.

Знаете дека во Собранието на РМ, заеднички, со консензус на сите политички партии, ги изгласавме измените на Законот за Служба со којшто се решија одредени статусни прашања.

Помеѓу тие прашања, беше решено и покачувањето на вашите плати да биде од 5.000 – 7.000 денари (на одредени чинови дури и повисоко).
Ценевме дека зголемувањето на платите на припадниците на АРМ треба да биде во склад и да го следи зголемувањето на обврските и ангажманите кон НАТО, но и колку-толку да ги ублажи ефектите од инфлацијата што е резултат на неспособната Влада.

Токму затоа, во Законот ги поддржавме димензионираните бодови за зголемување на месечните примања од 5.000 -7.000 денари. Сепак, според информациите кои стигнаа до нас, без разлика што во Собранието го изгласавме покачувањето на платите, Министерот за одбрана издал наредба да се намали вредноста на бодот.

Тоа значи дека припадниците на АРМ нема да го добијат предвиденото законско покачување. Според одлука на Министерот за одбрана, платите нема да се зголемат согласно Законот, туку Министерот и нејзиниот тим нашле начин како тоа покачување двојно да го намалат и да биде само 3.000 денари.

Ова е случај без преседан.

Нека каже некој дали памети случај да законски во Собранието се зголемат бодовите со цел зголемување на платите, а подоцна Министерот во своја надлежност да ја намали вредноста на бодот и на крајот од денот покачувањето да не биде согласно тоа што е предвидено во Законот.
Се поставува прашањето: зошто тогаш ги зголемувавме бодовите во Собрание?

Зошто министерке моравте да ги лажете вработените со законски измени, кога овие финансиски гимнастики можевте да ги направите и без законски измени?

Понатаму, каде ќе оди разликата од тие пари што ги кратите

Зошто, односно што ја инспирира Министерот за одбрана да изнајде вакво решение треба лично таа да објасни.

Ова е доказ дека Министерството за одбрана не може да го реализира тоа што е испланирано и законски наложено или дека парите наместо кај војската ќе завршуваат за октоподи и други луксузирања на власта која одамна го изгуби легитимитетот. Ако Македонија ја води трајно неспособен премиер, тогаш министерството за одбрана го води тотално неспособен министер која манипулира со припадниците на АРМ.

Ова го пишувам со цел да апелирам до Министерот за одбрана да не ја намалува вредноста на бодот и да го реализира тоа што е законски предвидено. Се’ уште има време до крајот на месецов да ја смени одлуката.

#ЕлементарнаНепогода