Реал Мадрид и Челзи одиграа реми со по еден гол 1-1, во рамките на првиот дуел од полуфиналето во фудбалската Лига на шампионите.
Избраниците на Томас Тухел одиграа одличен натпревар, се надигруваа и беа рамноправни со поискусниот и најтрофеен тим во ова натпреварување.
Иако рано поведоа преку Пулишиќ, гостите од Лондон можеа и поубедливо да водат. Сепак, Бензема погоди за израмнување, а потоа темпото на игра опадна.
Второто полувреме беше сиромашно со шанси за гол и на двете страни, оставајќи го Челзи со предност пред реваншот поради постигнатиот гол во Мадрид.
Во второто полуфинале кое се игра утревечер, ПСЖ е домаќин на Манчестер сити.
Реванш натпреварите се играат на 4 и 5 мај, додека финалето на овогодишното издание на ЛШ е закажано за 29 идниот месец на стадионот „Ататурк“ во Истанбул.