Пред силосите во Прилеп, каде се откупува пченица за државните стокови резерви, земјоделци реагираа дека се купува увезена пченица од Србија, а не домашниот вишок што стои во амбарите.
Земјоделецот Тони Стојкоски посочи дека има вишок пченица во амбарите на земјоделците. Тој имал 200 тони и чекал цена. Не е, вели против увезената пченица, но треба прво да се купи домашниот вишок, наведувајќи дека тоа се случувало со години.
– Денеска се собравме земјоделци кои сме револтирани. Има вишок пченица во домашните амбари, не знам точно колку. А се носи српска пченица. Треба, во време на жетва да се распише оглас за стоковите резерви. Прво да се откупи домашната пченица, а потоа нека се купува српска, немаме ништо против. Јас имам дома 200 тони пченица. Стои и чекам цена. Ваква грешка со години правеше претходната власт, вели Стојкоски.
Производителот Итат Исмаилоски вели дека до нив доаѓаат гласови дека пченицата се купува по 13,5 денари.
– Ништо од домашниот вишок не е откупено за стоковите резерви. А еве, за стоковите резерви српската пченица ја плаќаат по 13,5 денари. Моето производство го продадов на Грција за 9,64 денари од килограм. Има камиони со српски регистрации. Немаме ништо против српската пченица, но треба да се откупува прво нашата, изјави Исмаилоски.
Земјоделецот Стеванче Орданоски вели дека сега е потребна и помош пред почетокот на сеидбата, кога се големи трошоците.
– Цело време мелничарите велат дека нашата пченица не е квалитетна и од увоз се носи поквалитетна пченица. Тоа не е точно. За среќа ние посевите не ги третираме со пестициди, како што прават други, затоа приносите ни се помали, но нашата пченица е квалитетна. Камионите се српски, но дали и пченицата е српска, не знаеме. Инаку, сега им се потребни на земјоделците пари за есенската сеидба која не е почната. Субвенциите да се исплатат што е можно побрзо, дури и да се даде дополнителна мерка, вели Орданоски.
Од Министерството за земјоделство соопштуваат дека се создадени поволни услови за откуп на домашната пченица. Во јули бил објавен огласот за купување пченица за стоковите резерви, но не се пријавиле домашни производители.
– Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство уште во мај годинава издејствува на седница на Влада да се поништи продажбата на 7.000 тони меркантилна пченица и 5.000 тони јачмен од страна на Агенција за стокови резерви. Целта на МЗШВ беше да обезбеди откуп на македонска пченица, наместо да се увезува. Потоа, во консултација со Агенцијата за стокови резерви, земјоделците и откупувачите на пченица и јачмен, се донесе одлука да се направи набавка и да се наполнат на стоковите резерви токму во ек на жетва, наведуваат од Министерството.
Посочуваат дека на тој начин директно создале услови домашните производители на пченица да ја понудат својата пченица за стокови резерви.
– На почетокот на јули годинава, Агенцијата за стокови резерви, го објави огласот за јавна набавка на меркантилна пченица за потребите на стоковите резерви. На барање и на инсистирање на Министерството, се направија 10 лота по 100 тона за да им се овозможи на помалите производители да ја продадат пченицата. Сепак, ниту еден домашен производител не се пријави и не ја искористи оваа можност, се наведува во соопштението на Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство.
Од Министерството велат дека освен тоа, Владата пред почетокот на годинешната жетва донела повеќе мерки.
– Сетот мерки се за поддршка на полјоделските култури вклучително и на пченицата како стратешки производ, со цел зголемување на производството, откупната цена како и и конкурентноста на мленичко-пекарската индустрија, информираат од Министерството.