Македонската ракометна легенда Кирил Лазаров денеска го слави 40-тиот роденден, а по тој повод, доби прекрасна честитка од неговите ракометари и соработници од школата „Кирил Лазаров 7“.

Најголемата ракометна фамилија сними преку 120 видеа за да му посака многу среќа и успеси на македонската спортска ѕвезда.

– Кога рекордерите се рекордери со години, тогаш се историја, тој е историја родена пред 40 години на денешен ден во Велес. Тргна од Свети Николе стигна до Нант, а некаде помеѓу му се оствари детскиот сон наречен Барселона. Тој не игра – тој живее ракомет, се вели во честитката.
Натаму се додава:

– Со неговиот ракометен сон живеат и 1.000 деца од школата за ракомет КЛ7 низ Македонија, кои преку видео пораки на капитенот на машката ракометна репрезентација и најдобриот ракометар роден во Македонија, Кирил Лазаров му го честитаа 40-тиот роденден.

Во видеото се и сите младински селекции на КЛ7, играчите од РК „Голден Арт КЛ7″ и соработниците на Лазаров. Најголемата ракометна фамилија КЛ7 својата роденденска порака составена од преку 120 видеа ја завршува со зборовите: „СРЕЌЕН РОДЕНДЕН НАШ НАЈДОБАР, ТЕ САКА ТВОЈА КЛ7 ФАМИЛИЈА“, се вели во честитката.

Покрај бројните онлајн честитки од фановите, Лазаров прими и честитка со љубов од својот син Благојче, кој сподели на Инстаграм нивна заедничка фотографија и порака: Среќен роденден тато!