Го познавам македонскиот лидер, сум бил дома кај премиерот, вели Седат Пекер во видеото кое е објавено на 9 мај и во кое зборува за убиство во Турција, а попатно и за неговите врски со Зоран Заев.

Тој во видеото тврди дека не само што го знае, туку со Заев е доволно пријател за да може да го посети и во неговиот дом.

Пекер, еден од најпознатите турски мафијаши, е едно од лицата кои добиле македонски пасош со лажен идентитет, што беше обелоденето со откривањето на аферата „Мафија“ што МВР подоцна ја нарече акција „Двојник“.

Откако изби аферата, се појавија и повеќе видеа и фотографии кои докажуваат дека Пекер не само што имал македонски документи, туку во Македонија се чуствувал како да е дома. Тој редовно се среќавал со членови на СДСМ, кандидати за пратеници, градоначалници, а заштита имал и од полицијата.

Заев по откривањето на аферата изјави оти бил запознат со тоа дека Пекер имал средби, но од изјавата на Заев не се доби впечаток дека и тој бил меѓу високите функционери со кои се дружел мафијашот Пекер.