Покрај веќе познатиот случај на одбивање рамковни вработени во Државниот пазарен инспекторат, поради кои беше разрешен директорот Стојко Пауновски, сега се појави и втор случај.

Агенцијата за просторно планирање, која функционира со буџет обезбеден од Министерството за животна средина и просторно планирање, со кое раководи Насер Нуредини, кадар на ДУИ, не прифатила двајца администратори распоредени од Министерството за политички систем на Артан Груби.

Како што јавува порталот на албански јазик Њус33, а информацијата ја пренесе Лајм, неофицијално, се дознава дека причината за неприфаќањето е несоодветната образовна квалификација.

Околу оваа информација не даваат коментар ниту Министерството за екологија, ниту од Агенцијата за просторно планирање предводена од директорката Андријана Андреева.

Медиумот објавува дека освен одбивањето на вработени директорката не го почитува ниту Законот за употреба на јазиците а интернет-страницата на оваа институција е само на македонски јазик. Порталот тврди дека според јавниот список на вработени во оваа агенција, таму нема ниеден Албанец меѓу 31 професионално вработени.