Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, откако го проби тунелот под Калето, го трасира трамвајот од Ново Лисиче до Ѓорче Петров, го воведе веловозот од Лисиче до Ѓорче и откако го исчисти ајрото и ѓубрето во Скопје… почна да промовира сериозни откритија и пронајдоци.

Еурека! Тој денеска откри дека во Скопје не постои гимназија Гоце Делчев.

– Бидејќи по дома не му кажуваат, а самиот не знае, еве да му кажам: неговата сопруга е вработена во гимназијата Орце Николов и предава македонски јазик. Во нашиот град нема гимназија Гоце Делчев. Кажувајте му вакви работи на човекот. Нека не се брука, напиша пред малку на Фејсбук Шилегов за своето феноменално откритие.

Градскиот татко или очув, кој како го смета, до ова генијално откритие дошол откако го слушнал лапсусот на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за вработувањето на неговата сопруга. Мицкоски во изјавата кажува дека неговата сопруга во гимназијата е вработена од 2005 година, пред тој да стане лидер на партијата и пред партијата да дојде на власт.

А оваа изјава Мицкоски, со лапсус за името на гимназијата, ја дава токму по повод обвинувањата за непотизам и токму од „партиските и коалициските братучеди“ на Шилегов, кои ја наполнија државната администрација и државните фирми со синови, ќерки, сестри, снајки, дедовци…

Ова генијално откритие на Шилегов заслужува да се прослави. Од сите граѓани на Скопје, без разлика на партиска припадност. Ако не со „чочек во тунел“, најмалку барем како нова автобуска постојка на „50“ во ГТЦ. Со диџеј, се разбира!

(Д.Г.)