Видеото на кое германската канцеларка Ангела Меркел во Истанбул го коментира капутот на рускиот претседател Владимир Путин, за кратко време стана вирално.
Викендов, како што веќе објавивме, на самитот за Сирија во Истанбул се состанаа лидерите на Турција, Германија, Русија и Франција, а тема беше како да се воспостави мир по 7-годишната крвава војна во Сирија.
Сепак, камерите забележаа дека лидерите знаат и да се пошегуваат, а токму тоа е причина видеото за кратко време да стане хит на интернет.
Во Истанбул во саботата температурата беше 17 степени, а Путин го облекуваше капутот кога Меркел се сврте кон рускиот претседател и го праша:
„Дали е тоа сибирски капут?“ Путин кратко одговори: „Не!“, но додаде дека баш сака сибирски.
Поводот за ваквото шеговито прашање од Меркел беше тоа што Путин на самитот во Истанбул допатува од Сибир од каде што на своите колеги Емануел Макрон, Таип Ердоган и Ангела Меркел им донесе за подарок риби, бобинки, лешници и други локални производи.
Тоа вчера го потврди Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ, а со тоа беше разјаснета шегата на германската канцеларка за капутот.