Силно и ретко невреме, налик на ураган и тајфун, викендов ќе го погоди источниот дел на Средоземјето, јави Си-Ен-Ен.

Американската ТВ наведува дека се работи за хибридно невреме, кое го нарекуваат Медикејн или Медиган (Медитеран + ураган), пренесе Танјуг.

Натаму се наведува дека, според истражувањата извршени во 2011 година, еден или два Медигана се случуваат во текот на годината и најчесто се јавуваат во септември и октомври, кога површината на Средоземно Море и натаму е прилично топла, но може да се случат и во други периоди од годината.

Најновото невреме во последните неколку денови предизвика буици и поплави низ Тунис и Либија, а сега преку Медитеранот се движи северно кон Европа.

Се наведува дека ова невреме во текот на движењето преку Средоземното Море веројатно ќе поприми карактеристики на ураган, а се очекува утре да премине преку грчките острови Крит и јужниот дел на Грција и потоа забрзано да се движи кон западна Турција.

Си-Ен-Ен наведува дека подрачјето на Грција и Турција ќе го погодат силни удари.

Инаку, во Грција веќе е хаотично. Силно невреме го погоди јужниот дел на Грција, а турнати стебла паднаа на далекуводи и предизвика прекин на струјата во некои делови на Атина, пренесува Асошиејтед прес.

Затворени се училиштата во главниот град на Грција и во други делови од земјата, а спасувачките служби ќе бидат во состојба на готовност преку целиот викенд.

Асошиејтед прес наведува дека се очекува ветар со брзина до 100 км на час.

Грчката национална метеоролошка служба објави дека денеска се очекува влоќување на временските услови на островот Крит, на Кикладите, како и на делови на југот и западниот дел од континентална Грција.