Силен земјотрес со магнитуда од 7,7 степени по Рихтер го погоди подрачјето околу островот Сулавеси во Индонезија, соопшти Американскиот завод за геолошки истражувања (УСГС).

По првиот земјотрес со јачина од 6,1 степен едно лице загина, а најмалку 10 се повредени, повеќе кужи се уништени, потврдија официјални лица. Асошиејтед прес наведува дека се објавено предупредување за цунами.

– Евакуацијата и натаму трае, изјави Сутопо Пурво Нугрохо, портпарол на националната агенција за кризни ситуации.

УСГС објави дека потресот од 6,1 степени се случил на длабочина од 18 км.

Дополнително, попладнево, индонезиските власти го повлекоа предупредувањето за можна појава на цунами во провинциите Западен Сулавеси и Централен Сулавеси, што беше издадено по силниот земјотрес што денеска го погоди централниот индонезиски остров Сулавеси.

Американскиот геофизички институт соопшти дека земјотресот бил со интензитет од 7,5 степени според Рихтеровата скала, откако првично информира дека јачината на потресот била 7,7 степени.

Во серијата потреси во јули и август на туристичкиот остров Ломбок, неколку стотини километри југосападно од Сулавеси, загинаа 500 лица.

Индонезија се наоѓа во огнениот појас на Пацификот и често ја погодуваат земјотреси.

Во цунамито кое се случи во 2004 година загинаа 226.000 луѓе во 13 земји, а во Индонезија 120.000 лица ги загубија животите.