Дванаесет лица загинаа, а 48 се повредени во две тешки верижни сообраќајни несреќи што утрово се случија на автопатот „Тракија“ во Бугарија. Во судирите учествувале повеќе возила, а главна причина за тешките услови на патот била густата магла, поради која видливоста на одделни делници била само еден до два метра.
Според бугарскиот портал 24chasa.bg, фактот што двете несреќи се случиле на истото место веројатно се должи на тоа што вниманието на возачите било привлечено од претходни инциденти во непосредна близина.
Сведоци на несреќата опишуваат драматични сцени и целосен хаос на местото на судирите. Еден од нив раскажал дека бил во второто возило и дека несреќата ја забележале во последен момент, додека автомобилите што се движеле зад нив предизвикале дополнителни судири.
Првиот судир се случил на коловозните ленти кон Бургас, кога камион му го попречил патот на автобус со патници. Кратко потоа, втор камион – кој превезувал жито – удрил во автобусот, а по него, патнички автомобил удрил во задниот дел од тој камион. Оваа информација ја соопшти Љубомир Николов, вршител на должноста главен секретар на бугарското Министерство за внатрешни работи.
Според досегашните информации, сите загинати се наоѓале на таа страна од автопатот, а се претпоставува дека ненадејната појава на густа магла придонела за верижните судири.
Во двете несреќи учествувале вкупно 86 возила – 63 на делницата кон Бургас и 23 на спротивната страна од автопатот.
Двете масовни несреќи се случиле во двата правци на автопатот. Едната е на 289. километар, во коловозната лента кон Бургас, а другата на 294. километар, пред клучката „Зимница“, во правец кон Софија.
Автопатот е затворен во двата правци. На местото се испратени екипи на полицијата, пожарникарите и Итната медицинска помош, а во спасувачките активности се вклучила и армијата.
„Ова е кошмар“, изјавил друг сведок, посочувајќи дека поради слабата видливост возачите речиси и не можеле да ги забележат возилата пред себе.
Особено драматично било во автобусот полн со патници кои патувале на одмор. Една од патничките раскажала дека луѓето биле натрупани едни врз други при ударот, а по излегувањето се оддалечиле од автобусот од страв дека може да избувне пожар.




