Интернет изданието на италијанскиот весник „Ла Верита“ и денеска објави нова снимка од разговор меѓу Јордан Орце Камчев и Бојан Јовановски (Боки 13) за случајот „Рекет“. Нема датуми за да се види кога и како се снимани дали се тоа е во неколку дена или трае со месеци.

Во денеска објавената снимка разговараат за процедурата за предметот „Империја“ на СЈО во која е осомничен Камчев. Тука во еден разговор е вклучена и специјалната обвинителка Катица Јанева, која посредно преку разговорот Камчев –Боки 13 суфлира и дообјаснува процедури.

Боки13 и Камчев во еден дел на снимката го спомнуваат и премиерот Зоран Заев, а Боки 13 најавува дека ќе се сретне и ќе проба да го наметне Камчев, но нема детали каде и како ќе биде организирана таа средба, дали случајно или наменски само на Заев и Боки13.

Во последната трета снимка нема видео за да се види каде и како се одвиваат разговорите и сето тоа е потпрепен само со транскрипција на разговорот.

Автор на снимките што ги објавува трет ден изданието не е познат, ниту како се снимани и кој ги дистрибуирал. Објавувач е новинарот Ларис Гајсер, познат по своите екстремно десничарски ставови и по блискоста со лица од европската крајна десница, како и со претставници на ВМРО ДПМНЕ.

Од Јавното обвинителство соопштија дека снимките не се добиени од Обвинителството, туку дека станува збор за аудио и видео материјали што се дел од доказната постапка во предметот, а кои до Јавното обвинителство биле доставени од сведок во предметот.

Расчистување на случаите за кои се води истрага побара премиерот Зоран Заев. -Истрагата мора да ги открие сите детали. Секој да одговара за своите постапки. Граѓаните заслужија правда, напиша Заев на својот Фејсбук профил.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, исто така, на Фејсбук, повика да понесат одговорност тие што се огрешиле пред законот, и праша зошто Катица Јанева не е во притвор.