Во организација на Скијачката федерација на Македонија (СФМ), со поддршка од Агенцијата за млади и спорт (АМС) од 23 до 25 август во Крушево по трет пат ќе се одржи „ФИС Ролер ски куп Тоше Проески“.

– АМС заеднички со СФМ за многу краток период успеаја да го издигнат ,,ФИС Ролер ски куп Тоше Проески” на ниво со останатите меѓународни манифестации во регионот. Потврда за тоа е што од година во година имаме се повеќе пријавени натпреварувачи и учесници, со што и оваа година ќе гледаме интересни и квалитетни трки на патеките во Крушево, истакна Каевски на денешната прес-конференција.

Досега учеството покрај нашата репрезентација го потврдија уште и Босна и Херцеговина, Грција и Србија.

Овие натпревари се бодуваат исто како и зимските натпревари, така што сите учесници добиваат бодови за крајната ФИС листа и влегуваат во оние квалификациски натпревари за бодување и пласман на зимските олимписки игри.

Натпреварите ќе се одвиваат во неколку дисциплини:
(петок 23 август) спринт на 1,2 км. во машка и женска конкуренција
(сабота 24 август) 12 км. машка и 6 км. женска конкуренција
(недела 25 август) 10 км. машка и 5 км. жени.

За прв пат на купот ќе бидат организирани и детски натпревари во категорија до 12 и до 14 години.