Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, дал наредба да се лансираат ракети кон Израел, изјави висок ирански функционер за Ројтерс откако Иран изврши ракетен напад врз Израел.
Официјалниот претставник додаде дека Техеран е „целосно подготвен за каква било одмазда“.
Хамнеи останува на безбедна локација откако Техеран истрела проектили врз Израел, изјави неименуван ирански претставник, пренесе Ројтерс.
Хамнеи беше преместен на безбедна локација откако Израел минатата недела го уби блискиот ирански сојузник лидерот на Хезболах Хасан Насралах.
Иранската револуционерна гарда вечерва објави дека лансирале десетици ракети кон Израел.
Гардата изјави дека Израел повторно ќе се најде на мета на напад доколку одговори.
Се вели дека лансирањето на ракетите било одговор на убиството на политичкиот водач на Хамас Исмаил Ханије, лидерот на Хезболах Хасан Насрала и заменик-оперативниот командант на иранскиот корпус на револуционерната гарда, Абас Нилфорушан.