Министерството за цивилна одбрана и вонредни ситуации на Краснодарската област соопшти дека пожарот во катната зграда во градот Јејск, каде се урна воен авион, е изгаснат.

– Пожарот во катната зграда е целосно изгаснат. Евакуирани се 250 луѓе, меѓу кои 40 деца. Сите се сместени во шест хотели и пансиони со капацитет од 500 легла, се вели во соопштението.

– Спасувачите го завршија пребарувањето под урнатините. Вкупно 13 лица загинаа, меѓу кои три деца, додека 19 лица се повредени, соопшти Министерството за вонредни ситуации.

Пожар избувна во деветкатница во градот Јејск откако во неа се урна воен авион Сухој 34. Пилотите се катапултирале и според нивни изјави, авионот се урнал откако еден од моторите се запалил.

Пожарот во зградата во Јејск бил предизвикан од керозин што се запалил на местото на несреќата на Сухој 34.