Граѓаните треба да бидат спокојни, имајќи го предвид фактот дека увозот/извозот и транзитот на отпадот е строго контролирана процедура и дека ниту една пратка на отпад не може да помине на граничен премин без соодветна проверка.
Ова денеска го соопшти владиниот Сектор за односи со јавноста во врска, како што е наведено во соопштението, со дезинформациите за увоз, складирање и согорување опасен отпад во државата и поврзаноста со квалитетот на воздухот, особено во врска со дезинформациите за согорување опасен отпад во Цементара УСЈЕ.
Во соопштението во кое Владата ја информира јавноста за, како што е наведено, клучните факти кои ја даваат целосната слика во однос на користење на РДФ отпад како енергенс во цементната индустрија, се посочува дека тоа е регулирано со Законот за управување со отпад од 2004 година, каде се пропишуваат видовите на отпад, условите за извоз, увоз и транзит на отпад, методите за надзор над извозот, увозот и транзитот на отпадот, како и формата и содржината на образецот на дозволата.
Законот, се подвлекува во соопштението, ги пропишува процедурите и условите за добивање на дозвола за увоз, извоз и транзит на отпад во/од/низ Македонија во зависност од видот на отпадот, неговото потекло, земјата на прифаќање и маршутата на транспорт и типот на третманот кој ќе се спроведе врз отпадот на местото на прифаќање.
– Употребата на алтернативните горива во УСЈЕ се одвива во целосно затворен процес, со високи температури во печките (до 2.000 Целзиусови степени температура на гасовите во печка) со што се обезбедува целосно согорување на ваквиот отпад. Шпекулациите за запирање на филтрите се сосема неточни, бидејќи работата на филтрите е поврзана со целиот процес и со нивно исклучување запира и целокупниот процес, се вели во соопштението.
Како што се додава во соопштението, државата има пропишано строги стандарди дефинирани во А-интегрираните дозволи што ги добиваат индустриските инсталации вклучително и ТИТАН Цементарница Усје, а се преземаат редовни и вонредни инспекциски контроли на исполнетоста за барањата за заштита на животната средина согласно дозволите и царинските контроли при увоз на одобрените видови на отпад.
– Исто така е важно да се напомене дека искористувањето на коксот како енергенс во процесите е строго контролиран и е со количина на сулфур од 4 до 6 проценти согласно важечките прописи во Македонија. Сите други информации за повисок процент на сулфур и неконтролирано согорување се неточни, соопшти владиниот Сектор за односи со јавноста.
МЖСПП, се додава, води регистар за увезен, извезен или отпад кој транзитирал низ РСМ и истиот е достапен на www.moepp.gov.mk МЖСПП / Документи / Регистри.