Покрај другите одлуки и заклучоци на денешната 71 седница Владата ја разгледа и усвои информацијата за формирање „Работна група за подготовка на измени и дополнувања на законодавството за декриминализација, легализација и искористување на медицинските, социјалните и економските придобивки на канабисот”.

Работната група ќе биде составена од институции, здруженија и граѓански организации, а врз основа на доставените барања и предлози од различните чинители до Канцеларијата на претседателот на Владата.

За координатор на работната група е назначен Националниот координатор за стратегиски комуникации во Владата, а во неа ќе членуваат и ќе добијат покана за учество следниве институции и чинители: Претставник од кабинетот на премиерот; Претставник од Министерство за здравство; – Претставник од Министерство за правда; Претставник од Министерство за внатрешни работи; Претставник од Здружение на токсиколози; Претставник од Здружение на педијатри; Претставник од Здружение на онколози; – Претставник од Здружение на млади фармацевти; Претставник од Здружение на млади кривичари; Претставник од Хелсиншки комитет за човекови права; Претставник од ХОПС – Опции за здрав живот Скопје; Претставник од Коалиција маргини; Претставник од здружение Операција Ослободување; Претставник од Здружение за канабис и зелени политики Билка; Претставник од НВО коалиција Канабис институт Пелагонија; Претставник од Национален младински совет на Македонија; Претставник од Мак канабис, здружение на производителите на медицински канабис;

Мандатот на работната група ги опфаќа следните прашања поврзани со регулација на производство и употреба на билката канабис:

Декриминализација и легализација на поседување и лична употреба; Декриминализација на одгледувањето на растенија за лична употреба; Разгледување можности за основање и работење на социјални клубови; Зголемување на бројот на здравствени состојби за кои можат да се користи канабис; Дозвола за лекари од приватното здравство да препишуваат препарати од канабис и можност пациентот кој добил препорака за лекување со препарати од канабис да може сам да си одгледа и користи во форма во која најмногу му одговара за неговата состојба (орално, преку инхалација или преку супозитории); Основање на Агенција за канабис; Формирање Фонд од давачките/даноците кои компаниите кои произведуваат и тргуваат со канабис ќе ги плаќаат кон државата, со цел поддршка на проекти од општествен интерес во сферата на лекување на ретки болести, медиуми, медиумски работници и продукција на домашни медиумски содржини, граѓанското општество, културата и спортот, како и за поддршка на работата на Агенцијата за канабис.