Владата денеска преку соопштение информира дека не се создадени услови за постигнување консензус за организирање на лидерската средба закажана за денеска и дека таа нема да се одржи.
Владата, се додава, одбива да прифаќа ултиматуми од неодговорниот партиски претседател на ВМРО-ДПМНЕ кој заштитата на криминалот и заложбата за блокади и изолации ги става пред државните интереси за напредок на нашата земја.
Во соопштението, се посочува дека претседателот на Владата Зоран Заев на 15 јули на отворен настан, а потоа и со покани, ги повика претседателите на ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и на Алијансата за Албанците, на лидерска средба со единствена цел да се обедини придонесот во заокружувањето на реформските процеси во правосудството, изборниот законик, како и за спроведување на пописот, како теми од посебно значење за граѓаните и за нашата земја во пресрет на европските интеграции и одлуката за почеток на преговорите за членство во унијата.
-За жал, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, наместо да прифати принципиелен разговор и договор за нов Изборен законик, избра да застане на спротивна страна на интересите на граѓаните, на спротивна страна на интересот на државата и побегна од разговорите. Овие клучни теми за продолжување на реформите и економскиот развој на земјата Мицкоски ги деградира со алиби барања кои произлегуваат единствено и само во интерес на теснопартиското профитирање. Тој одби да види дека лидерската средба е можност до следните избори да се обезбеди легислатива прифатливa за сите, со вградени препораки од ОДИХР и со можност да се отвори дебата и за нов изборен модел, се наведува во соопштението.
Тоа, се додава, укажува дека целта не била да се разговара за предвремени избори туку да се побегне и од оваа тема.
-Наместо да прифати дека е време за договор во корист на правната држава и владеењето на правото и како клучно да се обезбеди јавно обвинителскиот систем на државата со вградено СЈО за правда без селективност, која овие денови добива силен подем, Мицкоски и натаму останува на позициите да го брани криминалот на неговите претходници и политички ментори. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, за жал, не може да ја препознае ниту суштинската важност за консензус дека пописот не треба да се политизира и дека сите политички партии треба да се обврзат дека ќе ги овозможат сите услови да се реализира успешен попис, како строго професионална статистичка операција спроведена од Државниот завод за статистика, се потенцира во соопштението.
Премиерот Заев, се додава, со иницијативата за лидерската средба покажа подготвеност да се прифатат сугестиите и предлозите за овие прашања, за да бидат вградени во програмските активности на Владата во претстојниот период, но нема да прифати ултиматуми кои единствено имаат за цел да го блокираат напредокот на Република Македонија.
-Стратешките интереси на државата, реформите и подобрувањето на квалитетот на животот на граѓаните, не смеат да бидат предмет на уцена на опозицијата. Националните интереси и правдата за граѓаните се неприкосновени и со нив нема и не смее да има компромиси, се посочува во соопштението и воедно се најавува за денеска прес-конференција во Владата на која пред новинарите и пред јавноста ќе се обрати премиерот Заев за причините за одлагање на лидерската средба, како и за чекорите што се налагаат и ќе бидат преземени на патот на напредувањето на РС Македонија, се вели во соопштението.