Скандалот со рекетарско – политичко – судско – медиумскиот октопод секој ден добива нови и нови димензии. Затоа влегуваат од лага во лага и со тоа уште повеќе се заплеткуваат, вели Благица Ласовска, претседателката на УЖ на ВМРО-ДПМНЕ.

-Прво, како е возможно специјалната обвинителка Катица Јанева да се разболи во истиот ден кога излезе овој скандал па со два дена задоцнување да разбереме дека отворила боледување? Која здравствена установа и го издала ова боледување и дали Комисија од Фондот за здравство ја проверила веродостојноста на боледувањето. Со оглед на тоа што Катица Јанева четири дена бега од соочување со јавноста да даде одговори за сомнежите кои се врзуваат за неа, објективно е да се сомнева дека таа веќе ја напуштила државата злоупотребувајќи го оправдувањето со боледување. Тоа само потврдува како површно и тенденциозно се води постапката и истрагата за откривање на овој огромен скандал. Целокупната јавност се сомнева дека не е возможно лицата кои се осомничени за овој рекет тоа да го правеле без поддршка на структури на СЈО, па и самата Јанева, а уште помалку без знаење на власта, па и лично од самиот премиер Зоран Заев. Ако веќе постојат индиции дека Катица Јанева е вмешана во овој криминален октопод кој изнудувал, рекетирал и се заканувал на осомничени во постапка на СЈО, истрагата не смеела да се сведе само на одземање на еден од двата телефони на Јанева. Пазете само еден од двата телефони на Катица Јанева ќе биде предмет на истрагата. Дополнително ако се знае блискоста на Јанева со осомничениот Боки 13 и фактот што нејзиниот син е вработен во медиумот кој се поврзува со Боки 13, тогаш логично се поставува прашањето дали е викнат на распит Лазар Јанев и дали истото лице е дел од истрагата за рекет?, рече Ласовска.

Јавноста треба да знае дали во текот на истрагата во запленетите компјутери кај осомничените се пронајдени материјали и дали тие материјали се идентични или дел од материјалите кои се во посед на СЈО?, праша Ласовска.

-Исто така надлежните треба да одговорат дали во прибавените докази има материјали кои се обезбедени од МВР од лице кое е вработено на висока позиција таму, кое патем е блиско на лицето Фрики од рекетарските приказни кои се вртеа во јавноста во изминатиот период? И на крајот, дали од истрагата на надлежните се утврдило дали осомничениот Боки 13 контактирал телефонски или остварувал средби со Зоран Заев во Владата во изминатиот период за кој се товари дека вршел изнуда или рекет. Постојат индиции дека лицето Боки 13 добивал насоки кои лица да ги уценува и кои методи да ги користи од високи функционери на власта и СЈО со цел нелегално прибавување на милионски износи. Ова е премногу сериозен скандал. Ова е октопод во кој приведените се само пипците, а главата се многу помоќни политички и правосудни структури, додава Ласовска.

Во интерес на правдата неопходна е детална и длабока истрага, а не само декларативна борба со криминалот. Овој случај е вистинската вистина за Македонија, кој јасно ќе ги разобличи причините и последиците на еден процес кој се одвиваше изминатиот период, подвлече Ласовска.