Компаниите кои оствариле вишок профит за време на енергетската криза ќе плаќаат данок на солидарност. Текстот на предлогот на закон за данок на солидарност беше усвоен на денешната владина седница.
– Придонесот за солидарност, според посоченото од Министерството за финансии, треба да дејствува како редистрибутивна мерка за да се осигура дека предметните компании, кои оствариле вишок профит поради неочекувани околности, пропорционално придонесуваат за ублажување на енергетската криза на внатрешниот пазар, се вели во образложението од владината прес служба.
Од Министерството за финансии ги посочуваат Хрватска, Бугарија, Грција, Унгарија, Велика Британија, Италија, Шпанија, Германија како земји кои веќе имаат воведено или најавиле дека ќе воведат т.н. данок на екстра профит.
– Воведувањето на овој данок има солидарна функција и ќе обезбеди финансиски средства што во целост ќе се користат за финансирање на програма за мерки за справување со кризата, дополнуваат од Владата.
Според министерот за финансии Фатмир Бесими данокот на солидарност, како што се нарекува во последниот предлог, а како што е наречен и во самата ЕУ директива, не е дел од даночната реформа.
– Тој нема за цел да се зголемат расходите во Буџетот, туку на веќе донесен Буџет со овие дополнителни средства ќе го намалиме буџетскиот дефицит и јавниот долг и истите ќе бидат искористени исклучиво за справување со кризата. Со ова како генерација ќе се справиме со предизвиците што ги имаме денес, а не како товар за идните генерации. Тоа е целта на овој закон, како еднократно решение, кое се препорачува од ЕУ и е во исклучителни околности како што е сега во време на криза, вели Бесими.
Тој наведува дека тоа е и согласно Уставот каде општествената одговорност е една од уставните одредби. Вели дека станува збор за специфичен данок, од кој средствата ќе одат во посебна програма во Буџетот за антикризни мерки.
Бесими, уште кон крајот на минатата година го најави воведувањето на овој данок. Тој објасни дека во последните четири години оние компании што имаат над 10 милиони евра приходи на годишно ниво, ќе се спореди нивната добивка во текот на 2022 година и делот што е остварен над 20 отсто во последните четири години, само тој дел ќе биде предмет на оданочување со овој нов данок, еднократен, само за 2022 година, и нема да се повтори. Годините каде што немаат остварено добивка нема да се земаат предвид за оданочување, објаснуваше Бесими.