Владејачкиот СДСМ упорно се обидува преку соопштенија од Бихаќска да докаже дека вината за состојбите во Република Македонија се опозициските „неработници“, наспроти „жртвувањето“ на пратениците, министрите и целокупната социјалдемократска кадровска оператива.

Но, за волја на вистината, и македонскиот медал има лице и опачина. Опозцијата тврди дека (не)работниците од власта предводена од СДСМ ја водат државата во пропаст. Ги објавуваме соопштенијата на оваа тема на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, граѓаните сами можат да одлучат дали нив поскапо ги чини „неработењето“ на опозицијата или „работењето“ на актуелната власт:

СДСМ: Над 55.000 евра месечно ги чини граѓаните неработењето на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ

Над 55.000 евра месечно ги чинат граѓаните неработењето на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.

Само за основните плати пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ граѓаните ја плаќаат 40.000 евра месечно.

Дополнителни 15.000 евра добиваат за патни трошоци. Исто така врз грбот на граѓаните.

Тоа се над 55.000 евра месечно народни пари кои пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ги добиваат од граѓаните.

Наместо да ги заработат тие не влегуваат на седници, не закажуваат седници на комисии кои ги водат и прават штета на граѓаните кои ги плаќаат.

Граѓаните не ја дале довербата на пратениците да блокираат, да ја опструираат работата на Собранието и да не си ја работат работата.

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да ги вратат парите за плати, дневници, патни трошоци и мобилни телефони кога веќе решиле намерно да не работат.

Над 55.000 евра месечно, во време на криза, се сериозни средства со кои може да им се помогне на илјадници семејства.

Ова пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ е најдеструктивната пратеничка група која работи исклучиво на штета на граѓаните и државата.

СДСМ заедно со парламентарното мнозинство ќе се спротивстави на блокадите и ќе ги донесе законите кои се од интерес на граѓаните.

Центар за односи со јавноста на СДСМ

ВМРО-ДПМНЕ: Еве колку пратениците на СДСМ си ги заработуваат платите, нашите пратеници се три пати поактивни од тие на власта

Еве колку пратениците на СДСМ си ги заработуваат платите, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ три пати поактивни и со повеќе дискусии од СДСМ.

Во период од 01.07.2021 година до 31.12.2021 година над 50% од сите активности во собранието се преземени од страна на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата е убедливо најактивна и мотор на Собранието.

Имено во периодот јули – декември 2021 година, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ имале дискусии 109, наспроти 36 дискусии кои ги имале пратениците на СДСМ, 10 на ДУИ, и 27 сите останати.

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ имале 3 пати повеќе дискусии од тие на СДСМ.

Во истиот период пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата имале 127 реплики, наспроти 83 на СДСМ, 8 на ДУИ и 5 на сите останати. Воедно и според бројот на контрареплики пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се убедливо први, со 111 контрареплики наспроти 95 од СДСМ, 19 од ДУИ и 13 на сите останати.

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ дадоа свој значаен придонес во нормалното функционирање на Собранието и носењето на закони за доброто на граѓаните, а во исто време силно се спротивставија на сите криминални закони на СДСМ и ДУИ.

ВМРО-ДПМНЕ во таа насока уште позасилено продолжува и сега со активната блокада во Собранието.

Центар за комуникации со јавноста на ВМРО-ДПМНЕ