Премиерот Димитар Ковачевски му нуди на лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во интерес на спроведување на уставните измени да ја преземе премиерската позиција во преодната влада, брифираа вчера владини извори, иако, како што претходно е договорено премиер во следната техничка влада, треба да биде Албанец. На ова веднаш реагираа од ВМРО-ДПМНЕ, истакнувајќи дека немаат намера да учествуваат, како што велат, во лицитациите на Ковачевски, Османи и Груби и оти нема поместување од нивните позиции.

Претседателот Стево Пендаровски, на заедничката прес-конференција во Скопје со неговата словенечка колешка Наташа Пирц Мусар, рече дека се случува промена во генералната слика во однос на уставните измени, со оглед на тоа што главната опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, претходно воопшто не сакаше да разговара за можноста да се смени Уставот. Пирц Мусар, пак, со порака дека политичарите во државава ќе покажат мудрост и ќе ги спроведат уставните измени, што е услов за одржување на втората меѓувладина конференција со ЕУ и отворање на преговарачките кластери.

Ковачевски смета дека треба да остане на премиерската функција и до крај да го спроведе процесот на уставни измени, но во интерес на евроинтеграциите, освен пет ресори е подготвен на Мицкоски да му ја отстапи и премиерската позиција во преодната влада, кој потоа би го спровел процесот докрај, велат владините извори.

Постојат концепциски и процедурални разлики меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во однос на уставните измени, но на лидерската немало разговор за нивната содржина, туку за роковите кога да се спроведат.

За Ковачевски, брифираат владини извори, битна е брзината на спроведување со оглед на околностите и роковите, кои се поставени и од самата Европска Унија. За премеирот се што е надвор од Преговарачката рамка не може да се одлучува на лидерска средба, туку за тоа одлука носат сите 27 земји-членки на Унијата со консензус.

Премиерот Димитар Ковачевски во однос на ставовите изнесени од лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски по нивната средба изјави дека сите тие прашања не задираат во прашањето за

Еден од условите, кои ВМРО-ДПМНЕ го постави на лидерската е одложеното дејство на уставните измени, додека во Преговарачката рамка е наведено дека тие треба да се спроведат по завршувањето на скрининг процесот и се предуслов за одржување на втората меѓувладина конференција и отворање на кластерите. Во тој контекст Ковачевски, како што нагласуваат владини извори, смета дека треба да се искористи и наклонетоста на земите од ЕУ, имајќи ја предвид руската агресија врз Украина, за приклучување на Западен Балкан и проширување на ЕУ, што е заложба на високите официјални претставници на Унијата.

Усвојувањето на уставните измени е процудера, во моментов предлгогот е во Министерството за правда, а оттаму треба да биде доставен до Собранието. За уставни измени, ако се почне во овој момент се потребни минумум три и пол месеци, а како што брифираат владини извори очекувањата се дека процесот ќе трае неколку месеци, со оглед на тежината на одлуките и собраниските процедури кои се потребни, за истите да бидат изгласани.

За Владата суштински е да продолжи дијалогот со опозицијата за обединување во однос на уставните измени. Владата ќе почека неколку дена ВМРО-ДПМНЕ да делегира свои претставници во работната група, но според владини извори засега нема расположение опозициската партија да учествува во работната група. Истите извори нагласуваат дека секој пратеник не само што е припадник на партијата, туку е пред се претставник на народот, кој тежи повеќе од девет илјади гласови, па поради тоа секој поединечно треба да размисли за иднината на Северна Македонија.

ВМРО-ДПМНЕ веднаш излегоа со реакција по овие ставови посочувајќи дека немаат намера да учествуваат во лицитациите на Ковачевски, Османи и Груби.

– ВМРО-ДПМНЕ има премногу јасни позиции и од тоа нема поместување. Несериозно е продолжувањето со лицитации, кое само покажува дека СДС ниту биле искрени, ниту пак имаат намера да ги заштитат националните интереси, ниту пак вистинска интеграција, посочија од партијата.

Денеска во Кабинетот на претседателот се одржа 16-та седница на Советот за безбедност, на чиј дневен ред беше модифицираниот предлог на француското претседателство со ЕУ за почеток на пристап

Претседателот Пендаровски, пак, по средбата со неговата словенечка колешка Пирц Мусар рече дека промена на ставот на опозицијата бил видлив по лидерската средба, а во однос на еден од условите на ВМРО-ДПМНЕ за одложено дејство на уставните измени, рече дека тоа е нереално барање, со оглед на тоа што заклучоците на Советот на ЕУ се кристално јасни – уставни измени па одржување на втората меѓувладина конференција и отворање на кластерите.

– Главното барање е малата бројка на бугарско национално малцинство да биде дел од Уставот. Неодамна се одржа лидерска средба, на која се сретнаа највисоките претставници од власта и опозицијата и тука лидерот на најголемата опозициска партија изрази подготвеност да влезе во Владата и да гласа за уставните измени, со тоа што се разбира постави други предуслови, кои до моментов не се решени, но тоа е знајачна промена во однесување на опозицијата од која зависи двотретинското мнозинство, рече Пендаровски, одговарајќи на новинарско прашање.

Нагласи дека тој бил изненаден кога чул дека главната опозициска партија би сакал да биде и дел од Владата со пет ресори и да гласа од таа позиција.

Во врска со тоа дека изјавите на Ковачевски и Мицкоски по лидерската средба, која се одржа минатата недела се различни во однос на тоа кој што прифатил, Пендаровски вели дека доколку внимателно се следат изјавите на двете политички страни по лидерската и едната и другата страна се во право.

-Премиерот е во право кога тврди дека има драстична промена во ставот на главната опозициска партија, која воопшто не прифаќаше да гласа за внесување на Бугарите во Уставот, велејќи дека не можеме да спроведеме уставни измени под бугарски дикатат и второ велеше за сето време дека овој парламентарен состав нема мандат за да влезе во тој процес. Од друга страна опозицијата е во право во однос на предусловите кои ги има поставено на таа лидерска, нагласи Пендаровски.

Но во однос на еден од условите, односно одложеното дејство на уставните измени, тие  да важат по влезот во ЕУ, по завршувањето на ратификацијата на пристапните протоколи, Пендаровски смета дека тоа е апсолутно надвор од реалноста.

-И јас би сакал сакал такво нешто, но заклучоците на Советот на Европа се кристално јасни морате да направите уставни промени до крајот на скрининг процесот, за по автоматизам да продолжите со втората меѓувладина конференција и отворање на кластерите. Во тие заклучоци на Советот на ЕУ е вграден и ставот на Бугарија. За такво нешто треба да имаме нови заклучоци со консензус за да можеме воопшто да разговараме дека е можно денеска да ги усвоиме уставните измени, а да имаат дејство по завршувањето на преговорите, тоа е сосема нереално. Се надевам дека не станува збор за изговор само за да не се влезе во процесот на уставни измени, нагласи шефот на државата.

Словенечката претседателка, пак, изрази надеж дека политичарите ќе покажат мудрост и ќе ги спроведат уставните измени. Таа истакна дека патот кон ЕУ не е лесен, дека Словенија веќе се соочила со тие процеси и оти на тој пат и оваа држава морала да го смени Уставот, за што тогаш имало жестоки политички дебати во словенечкото општество.

-Да потенцирам Словенија го помина тој процес и не ни беше лесно. И Словенија мораше да го смени Уставот и тогаш во мојата татковина се слушаше како тоа не е добро за словенечкиот народ, како ќе се изгуби словенечкиот јазик. Го променивме Уставот во член кој дозволуваше странците да купуваат и поседуваат имот. Имаше политички расправи и дебати, имаше жешки расправи од тој аспект, но успеавме во тоа, бидејќи словенечката политика беше свесна дека треба да бидеме единствени кога треба да реализираме европски проекти. Се надевам дека политичарите ќе сфатат колку е битно единството и размислувањето дека треба да се оди пет/шест чекори напред и да се сфати што е добро за македонскиот народ. Јас искрено се надевам дека ќе покажете доволно политичка мудрост и ќе го смените Уставот, порача Пирц Мусар.

Таа нагласи дека тука се и обврските кои ги има ЕУ кон Северна Македонија и дека Унијата исто така треба да го заврши својот дел од работата и да и помогне на Северна Македонија во тој процес.

Пирц Мусар рече и дека според нејзините сознанија иницијативата која ја покренаа седум земји-членки на Европската Унија, меѓу кои и Словенија за промена на начинот за носење одлуки за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, се однесува и на процесот на проширување.

-Словенија е една од оние седум држави кои сакаат некои прашања да не се решаваат со консензус, туку со мнозинство. Колку што знам и колку што следам тоа се однесува и на процесот на проширување и тоа може да го олесни патот на која било држава која сака да влезе во ЕУ, рече Пирц Мусар, нагласувајќи дека Словенија ги поддржува промените во ЕУ и додаде дека понекогаш да се бара консензус за одредени прашања од сите земји-членки е многу тешко и доаѓа до застој внатре во некои процеси во Унијата.

Според Пирц Мусар, блокадите внатре во ЕУ се понекогаш последица на лоши одлуки, кои не ги движат работите во насоката, која таа ја посакува, особено во однос на решенијата кои се однесуваат на регионот на Западен Балкан.

Прес-конференција на министерот за надворешни работи, Бујар Османи.

Шефот на дипломатијата Бујар Османи, вчера на прес-конференција рече дека уставните измени се неопходни за да се фати чекорот во овој исклучително важен историски момент и оти не смееме да ја пропуштиме шансата. Едвај успеавме од историските прашања и Историската комисија како столб на односите со Бугарија да се префрлиме на човекови права – таму каде што сме најсилни, а сега некој бара да го блокира тој пат за да се вратиме повторно на историската комисија, порача тој.

-Нема да имаме друга шанса и можност во наредните децении ако ја пропуштиме можноста како што направивме пред 20 години кога бевме во пакет со Хрватска и Словенија. Тогаш да добиевме препораки денеска ќе бевме членка на ЕУ заедно со Словенија и Хрватска. Ако не прифатиме последиците ќе бидат сериозни и ќе се изолираме целосно, а тоа ќе се одрази на економијата и на животниот стандард. Луѓето ќе почнат масовно да ни бегаат од државата затоа што ќе нема перспектива. Албанија ќе почне да се движи, ние ќе останеме изолирани заедно со БиХ и Косово. Тоа ќе биде групата во која ќе биеме ние после ноември, рече Османи.

Посочи дека по прес-конференцијата одржана по лидерска средба станало јасно дека веќе нема сериозна политичка партија која смета дека се проблематични уставните измени. Затоа, додаде, сметам дека суштинските причини за отпор кон уставните измени се веќе надминати и сега се останати политичките прашања и калкулации.

-Постигнавме консензус дека уставните измени не се проблем и дека опозицијата ги прифаќа. Констатираме дека се наоѓаме на крстопат и дека имаме историска шанса со уставните измени да ја фатиме брзата патека овозможена од геополитичкиот контекст во кој се наоѓаме. Прашањето на одложена примена на уставен амандман повеќе важи доколку има промени во нормативниот дел од Уставот во кој произлегуваат законски решенија, но кај  овие уставни измени нема измена со која се продуцира закон, но има повеќе политика, симболика и пристап за да покажете дека сите граѓани од сите заедници независно од која бројност се, ги третирате исто. Ако прифатиме одложено дејство им укажуваме на земјите-членки дека Бугарите нема да ги третираме исто како Турците, Албанците, Србите, Власите се до членство во ЕУ. Затоа нема логика одложеното дејство на уставните амандмани. Наш прв пристап е да ја убедиме опозицијата да ги поддржи  уставните измени, рече Османи.

Подвлече дека вчера Делегацијата на ЕУ ги прочита заклучоците на Советот во кои, како што рече, јасно се вели дека уставните измени треба да стапат во сила пред втората меѓувладина конференција.

Нагласи дека ако опозицијата ги поддржи уставните измени кои ќе стапат на сила до втората меѓувладина конференција ДУИ е подготвен истиот ден да ги напушти сите позиции во Владата, вклучувајќи ги и во техничката – пржинска влада и премиер 100 дена.

Се договоривме, нагласи, дека уставните измени се во наш интерес зашто не оттргнуваат од другата траекторија – Историската комисија и сега заради его трипови и партиски калкулации треба да држиме во заложништво два милиони народ.

СДСМ и коалицијата нема да учествува во нивниот дневнополитички театар на кој единствена цел е да им помогне на оние центри кои не сакаат Северна Македонија да ги почне преговорите со ЕУ.

И во текот на вчерашниот ден продолжија препукувањата меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ на тема уставни измени, преку партиски соопштенија.

Пратеникот од опозициската партија Драган Ковачки рече дека СДСМ „свесно лаже кога вели дека ВМРО-ДПМНЕ прифатило уставни измени“.

-Тоа е така затоа што се фатени во предавство на националните и државни интереси, и се против вистинска интеграција на државата. Ковачевски треба јасно да одговори кој предлог го избира од ВМРО-ДПМНЕ. Првиот е преодна влада без ДУИ и измени кои ќе стапат во сила со завршување на преговорите и членството на државата во ЕУ. Вториот предлог е избори, гаранции за националниот идентитет и јазик, економски пакет и заштита на Македонците во Бугарија преку спроведување на пресудите на судот за човекови права во Стразбур, и измени од влада без ДУИ поддржана од опозицијата. рече Ковачки.

Она што го понуди Ковачевски, додаде тој, се уставни измени под бугарски диктат, и широка влада со ДУИ, нагласувајќи дека не е поентата ВМРО-ДПМНЕ да дојде на власт во некаква широка влада, туку да изградиме процес и пакт за национално единство каде ќе ги заштитиме националните интереси.

Дарко Каевски, пак од СДСМ рече дека во време кога државата се наоѓа пред историска шанса за продолжување на европскиот пат, потребна е одговорност од сите релевантни политички субјекти и парламентарни партии.

-СДСМ подаде рака кон опозицијата, се случи лидерска средба и се отвори дијалогот. Она што е најважно е дека дојдовме до точка каде што од страна на Христијан Мицкоски се прифатени уставните измени и учество во широка Влада. Сега потребно е дијалогот да продолжи, но да продолжи суштински и наместо преку изјави и прес – конференции, потребно е и ДПМНЕ да формира работна група. Нема потреба ниту да се навраќаме наназад ниту да ги толкуваме. Променетиот став е добар за државата и повикуваме да останат на тој став за да продолжи дијалогот што поскоро, рече Каевски.

Лидерот на Алијанса за Албанците, пак, Арбен Таравари рече дека има јасни сигнали дека Северна Македонија ќе ги отвори преговорите со ЕУ заедно со Албанија.

Одговарајќи на новинарско прашање што ја чека државата доколку не се изгласаат уставните промени, Таравари истакна дека не е важно како ќе изгледа следната влада, туку, како што посочува, важно е дека се даваат јасни сигнали дека земјава најверојатно ќе ги отвори преговорите со ЕУ заедно со Албанија.