Државниот завод за статистика најостро ги демантира информациите што се појавија во јавноста дека постои можност да се самопопишат и лица кои се откажале од македонското државјанство. Тоа се дезинформации, објавија од ДСС на официјалниот ФБ профил.

– Прв услов е лицата што се попишале да ги има во базата на државјани на МВР. По вкрстување на базите, оние лица коишто ги нема ќе бидат отстранети, иако се обиделе да се попишат со пасивизиран матичен број. ДЗС дејствува по сериозна методологија и се води по најстрогите и најсовремени стандарди на проверки при попишувањето и секој обид за дезинформирање и манипулирање со населението ќе биде веднаш демантиран и разобличен, појаснуваат на ФБ профилот од ДЗС.

Овие, како што ДЗС ги нарекува дезинформации, потекнуваат од првиот вицепремиер Артан Груби, кој пред неколку дена изјави дека може да се самопопишта и лица кои се откажале од македонско државјанство.

Во текстот што го објавивме Груби не само што нагласува дека е можно попишување на тие лица, туку е и пожелно за „подобрување на квалитетот на правата на Албанците во Македонија“:

– И граѓаните кои имаат пасош од земјите кои дозволуваат само едно државјанство, а се откажале од македонското, може да се попишат, изјави првиот вицепремиер Артан Груби на албанската ТВ Клан.

Груби рече дека тие граѓани може да се попишат со извод или било каков документ кој што го поседуваат и дека истите тие ќе придонесат за унапредување на правата на Албанците во Македонија.

-Доволно е да има извод од матична книга на родени, извод од книга на венчани или каков бил друг документ, рече Груби.
Новинарот повторно го праша да прецизира:

-Нема врска дали тој граѓанин има пасош од друга држава германски на пример? Кај треба да се попише овој граѓанин, еден Албанец од С. Македонија со германски пасош, ги спомнувам овие држави кои не дозволуваат двојно државјанство и живее во неговата земја, каде може да се попише овој граѓанин, треба да дојде во Македонија или има други начини во амбасадите на Македонија?

Груби одговори дека тоа нема врска, и дека истите можат да се попишат онлајн на страната

-Не, се попишува онлајн на страната на ДЗС „census.stat.gov.mk“ и одзема од 3-5 минути попишувањето на целото семејство и да се даде придонес за нивните сонародници кои живеат во С. Македонија и за оие од дијаспората кои кога ќе дојдат ќе ги уживаат сите права. Рамномерен регионален развој, рамномерен економски развој, соодветна и правична застапеност, јазик, знаме и сѐ тоа што доаѓа со одредените квоти, рече Груби.

Тој нагласи и дека овие граѓани кои се државјани на земјите кои не дозволуваат двојно државјанство, со попишувањето нема да изгубат никакво право во земјите во кои живеат.

-Апсолутно ниту едно право во земјите во кои тие живеат или се државјани на таа земја не им се загрозува со пописот на населението. И ова е многу важнои да се нагласи дека ниту едно право во државата во која тие државјани, било да е Германија или Австрија кои не дозволуваат двојно државјанство, не им се загрозува со пописот на населението на Македонија, истакна Груби.