Веќе неколку месеци наназад власта во Македонија ќе почне на почетокот од „овој месец“, на „крајот од месецов“ или според шеговитата изрека „ако не оваа среда тогаш другиот понеделник“.
Премиерот Зоран Заев и министерот за здравство Венко Филипче досега дадоа милиони дози ветувања за пристигнување на вакцини од разни извори, а фрижидерите со кои се фалеа им се празни и без ниту една вакцина. Министерот Филипче и вчера со ново ветување.
Месецов во земјава ќе пристигнат вакцините од „Фајзер“, со што според Филипче, ќе започне и имунизацијата на населението против коронавирусот. Најавата за стартот на имунизацијата доаѓа во услови кога минатата недела во земјава се бележи раст на бројот на новозаразени лица со Ковид-19 за 56,4 отсто и кога капацитетот на Инфективната клиника е исполнет, поради што во функција повторно се става модуларната болница во Клиничкиот центар.
Премиерот Зоран Заев вчера изјави дека првите вакцини од „Фајзер“, според договорот со компанијата, треба да стигнат во земјава во првиот квартал од годинава, односно до крајот на март. Преку сите постојни механизми, како што рече премиерот, направено е се што е неопходно и договорени се вкупни количини до 2,5 милиони вакцини.
– Договорот од „Фајзер“ стигна, во првиот квартал, тоа значи дека до крајот од март, ќе ги добиеме првите 21.000 вакцини. Веќе имаме во вториот квартал поголеми количини. Не се работи за несериозност, заради тоа што единствена причини е недостатокот на производство во делот на количини на вакцини за која било вакцина. Тоа е проблемот. Ние сме мала земја, сакам да го осигурам и му гарантирам на нашиот народ дека како Влада, како Министерство за здравство имаме направено повеќе од тоа што е доволно, имајќи предвид дека ќе треба еден милион народ од прилика да се вакцинира за да ја постигнеме имунизацијата, за која би било потребно да има два милиона вакцини. Ние ако ги броите 800.000 „Фајзер“, 833.000 преку КОВАКС механизмот, 400.000 од Кина, 200.000 имаме нарачано од Русија, имаме дополнително од ЕУ согасно грантот од 70 милиони, донациите кои што дополнително ги најавија сите соседи, стигаме до 2,5 милиони. Значи сме направиле исчекор повеќе за да ги фатиме сите механизми, сите алатки, да направиме договори, преддоговори, некаде дури и анекс да платиме се со конечна цел да преземе се што е неопходно. Јас верувам, како што реков пред некој ден, денови се во прашање, рече Заев.
Тој порача дека сите треба да се вакцинираат во државата, да се следат упатствата на МЗ, на Комисијата за заразни болести, на сите експерти затоа што вели, само на тој начин ќе ја совладаме пандемијата на Ковид-19.
Министерот за здравство Венко Филипче во синоќа интервју за МТВ изјави дека во текот на овој месец сигурно ќе почне имунизацијата на населението во земјава.
– Очекуваме, според најавите, една одредена количина преку Ковакс системот и ги очекуваме руските вакцини, имаме иницијална најава од денешните состаноци, дека тоа може да се случи викендов веќе в недела, но повторно ќе кажам сега имаме искуство, сите земји имаат искуство, сите се соочија со тоа, тоа што иницијално им беше ветено и укажано од компаниите едноставно не се случи, нагласи министерот Филипче.
Тој посочи дека потребно е 60-70 проценти од населението да се вакцинира за да се постигне колективен имунитет.
– Во првиот квартал најавија околу 20.000 вакцини, понатаму до 800.000 вакцини распределени во следните три квартали. Навистина долго го чекавме договорот, но исто така сме свесни дека огромен број земји го прават буквално истото. Така да подготвени сме, системот е подготвен, тоа е нешто што е навистина важно, едуцирани се здравствените работници, тие кои директно работат со вакцинацијата и практично од 11 март ние започнуваме и со ревакцинција на сите здравствени работници коишто ја примија и првата доза на вакцината, нагласи Филипче.
Министерот за здравство во однос на тоа каква ќе биде ефикасноста на вакцините за новите соеви на корона вирусот, рече дека сега комапниите анализирааат и гледаат и оти нема потврда со сигурност каква ќе биде ефикасноста на вакцините за новите соеви.
– Затоа кога вака во квартали ги добиваме вакцините можно е да се случи производителите да ги сменат платформите на коишто се произведуваат вакцините, за да бидат ефикасни на потенцијалните нови соеви коишто би можеле да стигнат понатаму во текот на годината и затоа е развиен овој систем вака затоа што може да се случи фајзеровата вакцина којашто ќе доаѓа на крајот на годината едноставно да не биде истата со таа што е сега, зошто таа можеби ќе биде ефикасна на некој друг сој што тогаш ќе биде актуелен, не само кај нас, ова важи за буквално секоја земја во светот, рече Филипче.
Министерот за здравство нагласи дека на некои работи едноставно не можеле и не можат да влијаат, а причината, како што рече, е многу јасна.
– Нема доволно вакцини во овој момент насекаде во светот, не стигнуваат ниту со потребната ниту со посакуваната динамика од страна на секоја земја. Сликата ќе биде драстично поразлична во вториот квартал заради тоа што значајно ќе се зголемат и сите производствени капацитети, изјави Филипче.
Според министерот, првата компанија која што ќе испорача вакцини преку Ковакс механизмот е „Астра Зенека“.
– Тоа што последно ни е стигнато како информација е дека 20 до 30 проценти од тие 100 до 170 илјади вакцини ќе стигнат во првиот квартал, тоа значи во месец март. И тоа е тоа што беше споделено во изминатиот период, така што тоа се нашите очекувања согласно сите информации коишто ги добиваме од производителите. Повторно ќе кажам, можно е да има некаква промена, можно е да споделиме некаква нова информација согласно тоа што нас ни стигнува како информација, меѓутоа очекувам дека во вториот квартал согласно сите насоки, најави од буквално сите производители веќе овој процес ќе биде поинаков, веќе количините ќе бидат значајно повеќе на располагање поради поголемо производство, посочи Филипче.
Претходно, Министерството за здравство информира дека компанијата производител на вакцини против Ковид 19 „Фајзер-Бионтек“, вчера им го испратила договорот за купување вакцини. Компанијата во договорот ги соопшти деталите за испорака на вакцините во текот на цела 2021 година.
Производителот „Фајзер-Бионтек“ во 2021 година на Република Северна Македонија ќе и испорача 800.280 дози вакцини. Според договорот, испораката на вакцините ќе се одвива во четири квартали, а првата достава ќе се случи во месец март. Во договорот е наведено дека компанијата „Фајзер-Бионтек“ овој месец во нашата земја ќе испорача 21.060 дози вакцини.
Вакцините на производителот „Фајзер-Бионтек“ се спакувани во повеќедозажни вијали, од една вијала се вадат шест дози вакцини. Вакцината се чува и дистрибуира на -70 степени, во обичен фрижидер од 2 до 8 степени може да стои пет дена, а растворена да се чува шест часа. Нашиот здравствен систем е целосно подготвен за прием и спроведување на вакцинација. Со вакцината на производителот „Фајзер-Бионтек“, веќе неколку недели се врши имунизација на здравствените работници кои се во првата приоритетна група за вакцинација согласно Националната стратегија за ковид имунизација.
Согласно вчерашните податоци на Институтот за јавно здравје, во претходните 24 часа се регистрирани се 721 нов случај на Ковид-19, починале девет лица и се регистрирани 1.753 оздравени пациенти.
Досега во земјава се направени вкупно 533.505 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 105.269, бројката на оздравени пациенти е 93.942, на починати е 3.165, а на активни случаи изнесува 8.162.
Министерот за здравство Венко Филипче синоќа информираше дека дека капацитетот на инфективната клиника е исполнет и оти се става во функција модуларната болница во Клиничкиот центар.
– Веќе е подготвен кадарот, којшто сега повторно исто како во месец ноември работи по системот на ротација, лекари, медицински сестри од сите одделиенија повторно ја воспоставивме онаа координација и комуникација на ниво на сите клиники во Скопје, за да се обезбеди уште еден дополнителен болнички капацитет, истакна Филипче.
Тој посочи дека вакцинацијата од утре ќе се префрли во Здравствениот дом во Скопје, кадешто ќе се користи тамошниот вакцинален пункт.
– Имаме резерви, тоа што беше активно во текот на изминатата година во смисла на дополнителни одделенија, дополнителни кревети, целосно сме подготвени ако има потреба да се сместат пациенти таму. Понатаму модуларните болници, сега се речиси сите во функција, има уште неколку кои што треба да се стават во функција на болниците, со тоа многу болници добија нови болнички капацитети. 10.000 квадрати на нови болнички капацитети се подготвени насекаде во државата, потенцираше Филиче.
Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје, во периодот од 22 до 28 февруари тестирани се вкупно 20.161 материјал во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на Ковис-19, што е за 27,2 отсто повеќе во однос на минатата недела. Регистрирани сe 3.628 нови позитивни случаи од 32 градови во државата, што претставува зголемување за 56,4 отсто во однос на претходната недела, соопшти Министерството за здравство.
Според Филипче, во текот на викендот, заклучно со понеделник или вторник, останува да видиме дали овој раст на пациенти ќе биде тренд и ќе се зголемува и понатаму.
– Се уште има дилема затоа што ударот во болниците не е таков каков што беше лани, меѓутоа сме подготвени да интервенираме доколку треба и со дополнителни мерки, односно рестрикции таму каде што сметаме дека треба да се имплементираат, заклучи Филипче.