Покрај сите притисоци, закани и уцени од страна на власта, граѓаните кажаа НЕ за штетниот договор за промена на името, се вели во денешната реакција на ВМРО-ДПМНЕ, по вчерашниот дебакл на референдумот за смена на името на државата во Република Северна Македонија.

– Граѓаните кажаа гласно НЕ за договорот со Грција. Две третини од македонските граѓани упатија јасна порака дека за нив овој договор е неприфатлив. Залудни се правдањата, апсурдните толкувања и манипулациите на Заев. Граѓаните јасно упатија порака, дека Заев нема легитимитет да го турка овој договор. Граѓаните го отфрлија овој договор. Зоран Заев наместо да манипулира треба да се соочи со реалноста и да го отфрли овој договор, кој е на штета на Република Македонија, се вели во соопштението.

Насилното туркање на овој капитулантски договор, се додава натаму, ја носи државата во ќорсокак.

– Зоран Заев ја изманипулира и меѓународната заедница и нејзините претставници, кои ги лажеше со голема поддршка. Директен виновник за неуспехот на овој референдум е криминалната власт на чело со Заев. Криминалот, корупцијата, убиствата по улици и грабежите не се европски вредности. Граѓаните со СДСМ на власт имаат пад на безбедноста, владеење на правото не постои, а доживуваат крах и образованието, здравството и земјоделието. Со оваа власт државата само тоне. Договорот со Грција е отфрлен од страна на граѓаните, тоа е одлука која дури и Заев мора да ја почитува, порачува ВМРО-ДПМНЕ.