Македонија со Заев е земја во која власта се богати, а народот ја плаќа нивната криминогеност со здравје и живот, се нагласува во денешното соопштение од ВМРО-ДПМНЕ.
– Македонија со над 13.000 заболени и над 500 починати од епидемијата со корона вирус е црна точка во Европа и црн рекордер во регионот. Полошо од здравствената криза е епидемијата од корупција и неспособност наречена Зоран Заев. Додека се богати неговиот картел економијата и државата тонат. Заради нивното неодговорно работење народот ќе плаќа 7,5 отсто повисока цена на струјата. Македонија е единствена земја во регионот каде што поскапува овој енергенс. Истовремено компании од енергетскиот сектор, кои пријавуваат понизок профит, плаќаат милионски суми на струмички фирми, се вели во соопштението.
Македонија, се додава натаму, е исто така единствена земја на која и пропадна банка, скандал тежок над 150 милиони евра, ама затоа министерката за финансии Нина Ангеловска успеала да го извлече својот депозит од 250 илјади евра од истата таа банка.
– За жал, додека Нина Ангеловска и неколку фирми блиски до власта на Заев успеале, 90 илјади граѓани ќе останат без своите пари наредниот месец. Дополнително оваа расипничка власт на Заев ја задолжи Македонија со една милијарда нов долг за само три месеци, со што секое просечно семејство го задолжи со нови 2.000 евра. Притоа не успеа да направи ништо што ќе ја спаси економијата или ќе го заштити стандардот на граѓаните. Нема капитални инвестиции, ама затоа сите пари отидоа на предизборен поткуп. Експертите предупредуваат дека од есен државата ќе нема пари да ги сервисира основните обврски и ќе мора пак да се задолжува, за да се покрие криминогеноста и неспособноста на картелот на власт, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.