Зоран Заев и СДСМ ги лажат граѓаните како што ги лажеа пред изборите во 2016 година, а ние наместо лагите и манипулациите на СДСМ ќе понуди сигурност и развој, се вели во денешното соопштение од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

– Нова влада која ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ по изборите ќе ги укине даноците за младите до 29 години кои заработуваат помалку од 6.000 евра годишно. Наместо квази мерки, ние нудиме применливи решенија. СДСМ се што прави изминатиов период се сведува на лажење. Најголема лага и измама е со просветните работници кои наместо 36.660 денари пресметана согласно новата минимална плата ќе земаат за 10.000 денари помала плата. Зоран Заев и СДСМ ги лажат просветните работници и не им кажуваат дека со закон и Колективен договор им следува плата од 36.660 денари, и наместо законски предвидените средства им даваат многу помалку, се вели во соопштението.

Власта, се додава натаму, врши измама и врз пензионерите на кои им зема 1.500 денари изминативе години, за сега да им даде само 700 денари.

– СДСМ ги лаже сите категории граѓани. Како што ги лажеше во 2016 година. Најизиграни граѓани се земјоделците на кои им беше ветуван сигурен откуп и високи откупни цени, а останаа без ништо. Зоран Заев и СДСМ се прочитани од граѓаните. На 12 април ќе отидат во опозиција. По 12 април следува обновата на Македонија со ВМРО-ДПМНЕ, се вели во соопштението.