Венко Филипче нема политичка стратегија, визија, ниту план за развој на државата. Единствената политика која што ја нуди Венко Филипче и СДС е попустливиот пристап кон официјална Софија, сметајќи дека само така може да дојде на власт, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ што МИА го објавува интегрално.

Македонија има јасна и принципиелна позиција за европската интеграција. Намерата на Македонија не е само формално отворање на преговорите со Европската Унија, туку нивно успешно завршување без нови уцени, блокади и дополнителни условувања од официјална Софија.

Ова не е само став на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, туку позиција која ја споделуваат и бројни меѓународни претставници, кои јасно предупредуваат дека не може една држава да прави отстапки без гаранции, дека процесот нема повторно да биде злоупотребен.

Ова им е јасно и на многу истакнати меѓународни чинители. Тие ставови ги слушнавме викендов во Дубровник на меѓународниот собир, како јасно потенцираат дека е несериозно да се врши притисок врз Македонија да прифати правила, во конкретниов случај вклучување на Бугарите во Уставот, без притоа да има јасна гаранција дека Софија нема да има други барања кон државава во врска со идентитетски прашања на нејзиниот пат кон ЕУ.

За разлика од државничката политика на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Венко Филипче и СДС повторно ја нудат истата матрица на безусловни отстапки. За нив не се важни националните интереси, туку единствено враќањето на власт, дури и по цена на нови понижувања за Македонија.

Филипче очигледно верува дека попустливоста кон официјална Софија е неговата магична формула за политички камбек. Но граѓаните веќе еднаш ја видоа таа политика и јасно ја отфрлија.