Граѓаните наместо лично од Заев, вчера го дознаа референдумското прашање од грчката национална телевизија, реагира опозицијата.

-Недозволиво е граѓаните да се информираат од странски медиуми за состојбите во сопствената земја. Ова е уште едно во низата потценувања на Македонија приредено лично од човекот кој ја извршува функцијата премиер, смета ВМРО-ДПМНЕ.
Според партијата, Заев во интервјуто кажал дека прифатил обезличување на Македонија со решение кое ќе има „ерга омнес“ употреба за да ги задоволи грчките националистички апетити.

-Зоран Заев сам, само за да ги задоволи грчките националисти прифати промена на Уставот, јазикот и идентитетот на државата и народот. Заев се откажа од целата историја, се одрече од Македонците во Егејска Македонија и прифати грцизирање на топонимите на местата во истата. За разлика од Бугарите и Србите, поради Заев ние наместо Солун, градот ќе го нарекуваме Тесалоники. Исто така и останатите населени места ќе мора да ги ословуваме со нивните грчки имиња. Иако тоа не важи за другите, заради Заев ќе важи за нас, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Опозициската партија уште еднаш ги повика граѓаните да се придружат во недела на протестниот марш во Струмица, со почеток во 13 часот во градскиот парк.