Зоран Заев и СДСМ паѓаат, власта нема поддршка од граѓаните, тоа го покажуваат и анкетите. ВМРО-ДПМНЕ е во сигурно водство во однос на СДСМ. Затоа власта е исплашена и во паника притвора и прогонува функционери на ВМРО-ДПМНЕ.

Ова се истакнува во денешното соопштение од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

– Обвинителството на Зоран Заев вчера од чисто политички мотиви ги уапси Димитар Димовски член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, кој ја објави аферата за насилникот Курто Дудуш и Дејан Митески, претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ во Аеродром, кој и нанесе тежок пораз на власта во оваа скопска општина. Со политичкиот прогон врз Димовски, Митевски, Јанакиески и останатите, Зоран Заев не може да го покрие разочарувањето и катастрофата која секојдневно им ја приредува на граѓаните, се вели во соопштението.

Димитар и Дејан, се додава во реакцијата, се уапсени и малтретирани затоа што не и се плашат на власта, затоа што јавно ги обелоденуваат криминалите на СДСМ.

– Криминалната влада на Зоран Заев мисли дека со монтирани случаи ќе ја дефокусира јавноста од вистинските проблеми, како криминалот, рекетот, непотизмот, корупцијата, урнисаното образование, неуспесите во земјоделието и сите катастрофи кои ги причини оваа власт. Заплашувањата нема да успеат. Граѓаните одамна препознаа дека со СДСМ државата не може да оди напред. Во услови на вистински режим 25 отсто од граѓаните го поддржуваат ВМРО-ДПМНЕ, наспроти 23.1 отсто за СДСМ. Поддршката на сметка на ВМРО-ДПМНЕ само ќе расте и СДСМ тоа го знае. Доаѓа денот за одговорност, Заев и сите негови пулени на функции ќе треба да се соочат со правдата, се вели во соопштението.