Во Скопје не се дише, а граѓаните се плашат да излезат заради канцерогениот воздух, реагира денеска опозициската ВМРО-ДПМНЕ поради големото аерозагадување и маглата што го поклопи Скопје.
– Тоа е факт и реалност. Сето тоа е поради неспособноста на власта предводена од аболицираниот криминалец Зоран Заев. Тој пред изборите ветуваше итно и целосно решавање на загадувањето, говореше за чист „ајро-ајро“, а гледаме дека состојбите се влошени. Речиси редовно Скопје или некој од градовите во Македонија се наоѓа на врвот на листите на најзагадени градови во светот. Болниците се полни со деца, возрасни или стари лица кои се жалат на проблеми со респираторните патишта, се вели во реакцијата.
Впрочем, се додава, како што лажеа во кампањата сега се обидуваат со безочни лаги пак да се правдаат за својата неспособност.
– Ноторна лага е дека во времето кога Христијан Мицкоски ја извршувал функцијата директор на ЕЛЕМ поскапела цената на струјата за 100 отсто. Во неговиот мандат компанијата бележеше рекордно производство на струја, а вистинската причина за поскапената струја во државата треба да ја бараат во „бонбона бизнисот“ на Шекеринска кој го направи во 2005 година. Тогаш го продадоа Електростопанството на Македонија исто како што сега ги продава националните и државните интереси. Граѓаните јасно гледаат дека Заев, Шилегов, Макрадули и низата други неспособни кадри на СДСМ немаат капацитет да решаваат едно прашање како аерозагадувањето. За да го покријат овој проблем тие не ги ни поправаат мерните станици за квалитет на воздух, мислејќи дека така граѓаните нема да знаат дека е загадено. Нив ги интересира само расипнички да го трошат буџетот од кој патем скратуваа токму на ставката животна средина. Поради нив е целосно сопрен процесот на вистинска гасификација во државата и нема абер да се отпочне секундарната и терциерната мрежа. Овој проект не само што ќе помогнеше во борбата со аерозагадувањето, туку и ќе обезбедеше евтин енергенс за граѓаните, реагира опозициската партија.
Едноставно кажано, се вели натаму во реакцијата, каде и да погледнеш во работата на оваа власт секаде гледаш некадарност и криминал, бидејќи токму заради бизнис интересите ги запоставуваат потребите на граѓаните.
– Освен паралелна изградба на секундарната а потоа и изградба на терциерната гасификациона мрежа ВМРО-ДПМНЕ предложи сет конкретни мерки за справување со аерозагадувањето. Да се постават најмалку 3 дополнителни статични и 4 мобилни мерни станици. Статичните да бидат поставени во близина на РЕК Битола, РЕК Осломеј во Кичево, како и Дрисла, а мобилните во Радовиш, Прилеп, Гостивар, како и во Петровец. Со ваквата распореденост на мерните станици во близина на рударските капацитети, каменоломи и аеродромот ќе може да се контролира состојбата на загадувањето во тие општини и градови, каде загадувањето е алармантно. Инспекциските служби, под итно како на државно, така и на локално ниво, да работат во зимски услови 24 часа и јавно, секој ден со име и презиме, да ги обзнанат најголемите загадувачи и, согласно тоа, мерките кои ги презеле, а доколку не се превземени мерки веднаш да следат соодветни мерки и казни. Да се обезбедат субвенции во износ од 50% за набавка на електрични и хибридни возила во поголемите градови во првите 3 години, а потоа мерката да се прошири и во останатите средини, мерка која значително ќе помогне да се намали загадувањето од издувните гасови на автомобилите. Заев, Макрадули, Шилегов и СДСМ треба да знаат дека поради нивната негрижа 3.000 лица во Македонија умираат поради загадувањето. Тоа мора да престане, се вели во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ.