СДСМ дозволи со улиците да царуваат криминалците, лихварите и насилниците, реагира ВМРО-ДПМНЕ во врска со вооружените насилства што се случуваат на улиците во Скопје и пошироко во Македонија.

– Црнило го зафати МВР. Граѓаните не се безбедни ниту надвор, ниту во своите домови. Стотици криминалци беа пуштени од затворите и затоа сме сведоци на огромен број грабежи, убиства, вооружени пресметки, запалени автомобили. Оливер Спасовски наместо со ред и мир се занимава со матни зделки и сомнителни тендери. Затоа криминалците чувствуваат закрила и дивеат во Македонија. Секој обичен човек во Македонија се плаши за својот живот, за животот на своите деца и своите најблиски. Чесниот граѓанин се плаши не биде застрелан како обичен минувач или ограбен на улица или дома, се вели во соопштението од партијата.

Оливер Спасовски, се додава натаму, со својата неспособност и некомпетентност дозволи МВР да се претвори во институција за прогон на неистомислениците на власт, а нем сведок и заштитник на криминалот.

– Уште колку убиства треба да стори егзекуторот што го ликвидираше Мартин Јанушев пред да биде затворен ? Уште колку автомобили треба да изрешетаат бандитите кои среде Скопје крвнички погубија две лица, пред да бидат најдени и приведени од Оливер Спасовски? Ова мора да престане, затоа што се работи за животите на луѓето, за безбедноста на децата, за иднината на нашата земја. ВМРО-ДПМНЕ го бара тоа што го бараат граѓаните, Оливер Спасовски да си поднесе оставка и да се тргне од министерската позиција. Секој поминат ден значи ново насилство, нов изгубен живот, поголем криминал, поголема корупција, нов грабеж, уште поголемо црнило, се вели во соопштението.