Со капитулантскиот потпис на договорот со Грција, Заев го одзема правото на граѓаните да бидат Македонци и правото да се употребува зборот Македонија, изјави на денешната прес конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
Тој ја обвини власта за дрските, безобразни и бессрамни лаги кога велат дека е зачуван, а уште помалку дека е зајакнат македонски идентитет.
– Грчки премиер Алексис Ципрас изјавува дека македонска националност не се признава со договорот. Зоран Заев не го демантираше Ципрас, што значи дека крие дека договорот задира и го менува македонскиот идентитет. Со договорот одземена им е државноста на Македонците. Тие ја губат својата држава. Заев признава дека сите институции ќе мора да го заменат и загубат македонскиот предзнак. Заев призна дека сите институции ќе мора да го избришат името и наместо придавката Македонска, Македонско, Македонски, ќе мора на крајот на името да додадат „на Северна Македонија“. Така, Заев признава дека ќе се смени и името на државните институции, министерствата, државните органи, МАНУ, личните карти, пасошите, рече Стоилковски.
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ издвои и неколку члена од договорот кои според опозицијата, задираат во македонскиот идентитет:
Член 1, 3. А) Официјалното име на Втората Страна ќе биде „Република Северна Македонија“, кое ќе биде уставното име на Втората страна и ќе биде користено ерга омнес, како што стои во Договорот. Краткото име на Втората страна ќе биде „Северна Македонија“.
Член 1, 3. Б) Националноста на Втората Страна ќе биде Македонска/ Граѓани на Република Северна Македонија, како и што ќе биде запишано во патните исправи.
Член 1, 3. Ц) Придавката на државата, и официјалните органи, како и други јавни претпријатија ќе биде во линија со официјалното име или краткото име, „на Република Северна Македонија“ или пак „на Северна Македонија“.
Член 1, 3. Г) Втората Страна ќе го прифати името „Република Северна Македонија“ и официјалното име и терминологии реферирани во Член 1(3) преку интерна процедура која е обврзувачка и неотповиклива, вклучувајќи ги и амандманите на Уставот како што стои во Договорот.
Член 1, 3. Х) Во релација со горе споменатото име и терминологии во комерцијалните имиња, трговски марки и имиња на брендови, итн., ќе се формира меѓународна група на експерти за надминување на овие прашање. Оваа група на експерти ќе биде формирана до 2019 и ќе заврши со работа за три години. Што значи со овој член се опфаќаат и оние приватни компании кои што пред себе во своето име ја носат придавката Македонско/и/а или воопшто Македонија.
Според членот 1.8 По влегувањето во сила на договорот, Република Македонија престанува да се користи како термин. По неговото влегување во сила, изменетото име и терминологијата е за сите примени и ќе важи ерга омнес, во билатералните односи, како и во сите регионални и меѓународни институции.
Според Стоилковски, овој договор е чистење на цела нација, не геноцид, туку етноцид.
Ова е срамен договор. Овој договор е измама на октроираната влада на СДСМ. Народот се чувствува разочаран, потиштен и излажан затоа што знае дека овој договор нема да донесе подобар живот. Затоа Заев мора да падне, а Македонија да победи-истакна Стоилковски.