По победата на 12-ти април следуваат пакет мерки за инвестиции во културата и дигитализација на културното и уметничкото наследство, соопшти денеска ВМРО-ДПМНЕ.

– ВМРО-ДПМНЕ се обврзува на обнова која ќе значи капитален проект за дигитализација на културното и уметничкото наследство, со цел истото да го сочуваме од заборавот на времето и да го направиме подостапно за јавноста. Се обврзуваме на обнова која ќе опфати реконструкција на зградата на Музеј на Македонија согласно современите архитектонски стандарди. ВМРО-ДПМНЕ се обврзува на обнова која ќе опфати инвестиција во македонски брендови и креативни индустрии. Ова значи финасирање и системска поддршка за развојот на креативните индустрии во културата како економски ресурс за креирање нови работни места, приходи и одржлив развој. ВМРО-ДПМНЕ се обврзува на обнова која ќе овозможи делегиран буџет за културните установи. Ова подразбира сигурност во финансирањето на проекти во културата, но и мотивација за награда за најуспешните. Се обврзуваме на обнова која ќе овозможи стимулирање на бизнис секторот да инвестира во културата. За таа цел ќе направиме измени во постојниот закон со кој ќе се овозможи повеќе инвестиции на стопанството во сферата на културата. Олеснувањата ќе овозможат поттикнување на бизнисот да насочува повеќе средства во развојни проекти во културата, се вели во соопштението.

ВМРО-ДПМНЕ, се додава натаму, се бори да има повеќе за секого во државата.

– На 12-ти април следува победа на ВМРО-ДПМНЕ и сите граѓани на Република Македонија. Заеднички со народот ќе се избориме за обнова на Република Македонија и целосна реализација на проектите и мерките од програмата на ВМРО-ДПМНЕ, се вели во соопштението.