И пет месеци по Рекет 1 и месец по Рекет 2 се уште разрешница не е на повидок затоа што ЈО на Русковска го штити Зоран Заев, истакнува во денешното соопштение опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
– Криминал, корупција и рекет. Македонија со СДСМ оди кон провалија. Десетици криминални случаи, а ниту една разврска. Епидемијата со непотизам која ги зафати сите државни институции, сите функционери, од министри до локални директори остана несанкционирана. Се помина со неколку претставки од ДКСК и еден два откази, поголемиот број останаа нечепнати. Милионскиот криминал во Фондот за иновации, каде фирми блиски до власта добиваа по неколку стотици илјади евра, како да ја имаат пронајдено парната машина во 21 век исто така е без епилог. Без разрешница е и криминалот на Рашковски, за кого постојат сериозни сомненија дека сторил криминал од над 1.8 милиони евра. Зоран Заев не би бил Зоран Заев доколку во криминалната влада која ја предводи не би бил најголемиот криминалец. Милионскиот рекет кој е вршен со години, не може да е вршен без знаење на Зоран Заев, кој е главата на криминалниот октопод, се вели во соопштението.
Во притвор, се додава натаму во реакцијата, завршија директните извршители како Зоки Кичеец, Боки 13 и Катица Јанева, а никаде не се зборува за нарачателите и помагачите од врвот на власта.
– Зоран Заев иако е спомнуван во исказите на оштетените се уште не е повикан на распит, како што се развлекуваше и притворањето на Јанева. И иако пет месеци по Рекет 1 и месец по Рекет 2 се уште разрешница не е на повидок. Нема разрешница затоа што ЈО на Русковска го штити Зоран Заев. Со Заев на чело на владата и Русковска на чело на обвинителството никаква правна разврска нема да има. Потребно е СДСМ да си замине. Потребни се предвремени парламентарни избори час поскоро, соопштува ВМРО-ДПМНЕ.