СДСМ ја пропушти шансата за борба против криминалот и корупцијата, се вели во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ на прес конференцијата на Снежана Калеска-Ванчева.
– СДСМ не само што не покажа волја, туку во изминатите три години криминалот и корупцијата ги институционализираше и ги претвори во свој заштитен знак. Оттука целосно лицемерно е СДСМ да говорат за правна држава и владеење на правото, а патем Драги Рашковски се уште да е генерален секретар на Влада, Курто Дудуш да е се уште градоначалник, Кики и Фрики се уште да бидат на слобода, а Зоран Заев Капо ди Тути капи се уште да биде премиер, се вели во реакцијата.
Натаму се додава дека „законот кој што СДСМ го предлага наместо правна држава треба да го зајакне рекетарско-судско-политичко-медиумскиот октопод кој е создаден од оваа власт“.
– Законот кој го предлагаат е надвор од европските стандарди и има една единствена цел да ја замолкне опозицијата. Законот на СДСМ е неприфатлив и од персонален план кој Заев сака да го наметне, бидејќи тој е синоним за политичкото влијание врз судството. Јасна е тенденцијата на Заев и СДСМ да создадат алатка со која ќе го продолжат притисокот врз секој оној кој што се спротивставува на нивниот криминал. Да не се секира СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ го подготвува предлог законот за јавно обвинителство и истиот многу и скоро ќе биде доставен до Собранието и до јавноста, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.