Со своите стерилни соопштенија не можат да го прикријат криминалот на СДСМ и Зоран Заев, вели ВМРО-ДПМНЕ во денешното соопштение.
– Лицето на власта одамна го прочитаа граѓаните. Бесцелно е Центарот за комуникации на СДСМ да пишува и праќа бледи соопштенија. Владата на СДСМ секојдневно испумпува милиони евра од Буџетот наменети за фалење на штетниот договор и крати од суштински проекти за граѓаните. СДСМ откако е на власт единствено што стори е дефокусирање на јавноста од секојдневните криминали и криминалното владеење, наместените тендери кои што се случуваат во оваа држава и кои што се всушност пари на граѓаните, истакнува опозициската партија.
Натаму во соопштението се додава „СДСМ не е способен да ја води државата, време е да си замине од власт и граѓаните да одат напред“.
Реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ е на денешното соопштение од СДСМ кое го преобјавува секојдневно:
– На неколку недели до најважниот датум во поновата македонска историја, мнозинството граѓани и сите прогресивни сили се обединија околу македонската иднина во ЕУ и НАТО, само Христијан Мицкоски избегнува да го каже својот и ставот на неговата партија за референдумот. Дали Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ сакаат назад во изолација и неизвесност во кои со години ја држеа Македонија па затоа одбиваат да соопштат јасен став, се вели во соопштението на СДСМ.
Владејачката партија како однапред го знае исходот на референдумот, па повторува:
– На референдумот на 30 септември, граѓаните ќе изберат интеграција наместо изолација, иднина наместо небиднина.