Владата на СДСМ удира по џебот на граѓаните со откажувањето на евтините летови нa Визер. Заради неспособноста на криминалната Влада на СДСМ, авиокомпанијата Визер почна да ги откажува своите дестинации. Граѓаните од оваа есен можат да се збогуваат со евтините летови до светските метрополи. Нема повеќе евтини патувања, нема повеќе одење на гости кај своите роднини по светот.
Ова се истакнува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ во врска со откажани дестинации на нискобуџетната авиокомпанија која лета од аеродромите во Македонија.
– Смешни се оправдувањата на Сугарески дека тендерот е прекинат заради тоа што одозгора на пликоата во кои што била целосната документација за тендерите, не било напишано целото име и адреса на компанијата Визер. Замислете ова им е оправдувањето на Владата за сериозна компанија како Визер, која годишно врши превоз на над еден милион патници во Република Македонија. Чудно е како на ниту еден од функционерите на СДСМ што добија грантови преку Фондот за иновации не им фалеше никакво име на пликот кога аплицираа, а токму на сериозна компанија како Визер и фали, се вели во реакцијата.
ВМРО-ДПМНЕ прашува дали ова уште еден начин да се изврши притисок од страна на СДСМ врз авиопревозникот?
– Што ли сака да издејствува криминалната влада на СДСМ со овој резил што и го прави на Република Македонија и нејзините граѓани? Неспособноста и хаосот во Владата на СДСМ се повеќе наликува на еден трагикомичен филм. Нема да не зачуди ако утре излезат јавно и кажат дека Визер ќе го заменат со МВР турс, а Шеќеринска ќе одвои еден од хеликоптерите од министерството што ги користи за приватни прошетки на ручеци. Со вакви чекори Република Македонија не оди во ЕУ и НАТО, туку повеќе од 20 години наназад. Ова расипничко владеење на СДСМ многу ќе ги чини граѓаните, а штетите почнаа да ги трпат уште во првата година на нивното владеење, се вели во соопштението.
За актуелните настани во земјоделството и овоштарството, опозициската партија вели дека „салонските политичари од СДСМ го уништуваат македонското земјоделие“.
– Заев и Николовски го потценуваат трудот на производителите на слива. Цена од 5 денари за индустриска слива и 8 денари свежа слива не е рентабилна цена. Единствено рентабилна цена за килограм слива, која ги покрива производствените трошоци и обезбедува минимална егзистенција е цена од 12 денари по килограм, се под тоа е потценување на трудот на земјоделците. Половина од родот на слива во радовишко е веќе опаднат, а како што тврдат земјоделците штетите се над 1.6 милиони евра. Кој ќе ја надомести оваа штета, прашува ВМРО-ДПМНЕ.
Производителите на слива во Пијанец и Малешевско, се додава, немаат продадено ниту килограм од својот род, над 10.000 тони слива се неоткупени.
– Откуп скоро и да нема, а тој што им се нуди од поединечни откупувачи е минимални 2 денари, што е потценување на нивниот труд. Можеби Николовски и Заев имаат розеви наочари и не ја гледаат реалноста, но земјоделците не носат розеви наочари и за нив да се работи земјоделие во време на СДСМ се граничи со работа за време на временска непогода. Земјоделието со СДСМ е на колена. Земјоделците се на раб на егзистенција. Оваа влада донесе само хаос за земјоделието, велат од најголемата опозициска партија.