Во време на економска и здравствена криза, Владата на Заев овозможува поголем приход за приватни компании на грбот на граѓаните, се истакнува во денешното соопштение од ВМРО-ДПМНЕ.

– Зоран Заев и СДСМ единствено се грижат за своите бизниси. Доказ затоа е континуираната троцифрена бројка на новозаразени од вирусот КОВИД – 19. Република Македонија поради негрижата на Владата на СДСМ е рекордер во новозаболени и смртни случаи од корона вирусот. За граѓаните веднаш по изборите следуваше нов шок, зголемување на цената на електричната енергија за 7,4 отсто. Цената на електричната енергија ако останеше иста, енергетските компании во 2020 година ќе оствареа приход од: 16.106.756.099 денари. Со зголемувањето од 7,4 отсто овој приход за истата енергија ќе биде 17.303.879.863 денари, се вели во соопштението.

Разликата, се додава натаму, поради зголемување на цената изнесува: 1.197.123.764 денари што претставува скоро 20 милиони евра.

– Неспособноста на власта се гледа и по пропаѓањето на Еуростандард Банка. Според извештаите по пропаѓањето на оваа банка само околу 10 проценти од лицата успеале да отворат сметки во други банки, што значи дека околу 90.000 граѓани ќе останат без своите пари наредниот месец. Оваа влада е со краток рок на траење. Од нејзе можеме да очекуваме само неуспеси и разочарувања, се вели во соопштението од Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ.