Освен укинување на приватноста на банкарските сметки, власта на Зоран Заев и дополнително ќе ги оданочува извозниците на интелектуален труд и со тоа ја загрозува приватноста на граѓаните, реагира ВМРО-ДПМНЕ на новите решенија на власта и новите решенија за УЈП.
– Укинувањето на приватноста на сметките ќе ги направи граѓаните потенцијална мета на уцени, закани и други криминогени дејанија на структури блиски до власта. Со ваквото законско решение СДСМ уште еднаш бескурпулозно го крши Уставот на Република Македонија, поточно членот 25, со кој „на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот.“ Воедно една од клучните цели на оваа одлука на владата е да се оданочат оние кои продаваат интелектуален труд по светот односно ИТ интернет услуги, преводи и други трудови. Со ова дополнително ќе се оданочи структурата на граѓани која прави извоз со минимално користење на домашните услуги за кои плаќа, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Овие законски измени, се вели натаму во соопштението, се единствено резултат на стравот и паранојата на Заев и СДСМ од сопствените граѓани.
– Страв кој е резултат на противењето на граѓаните на штетните антидржавни политики кои ги спроведува СДСМ. Заев досега покажа дека единствено го интересира зачувувањето на својата фотелја бидејќи знае дека во моментот кога ќе падне од власт и ќе ја изгуби контролата врз правосудството ќе мора да одговара за своите и криминалите на своите сопартијци, се вели во соопштението.
Од најголемата опозициска партија реагираат и на секојдневните сооопштенија од Центарот за комуникации на СДСМ во кои бараат ВМРО-ДПМНЕ и лидерот Христијан Мицкоски да се изјаснат за референдумот:
– СДСМ прави огромна штета, смената на имињата на сите државни институции и бришењето на зборот Македонија значи директно загрозување на македонскиот идентитет. Повторувањето на те едни исти соопштенија од Центарот за комуникации на СДСМ само ја потврдува летаргичноста и некреативноста на СДСМ како партија која за сметка на тоа целосно е посветена кон разграбување на државата, криминал и корупција од огромни размери. Капитулацијата која ја потпиша Заев нема да се покрие ниту со стерилни пресови и соопштенија. Единствената пречка за напредок на Република Македонија е Заев и неговите луѓе, се вели во реакцијата.
ВМРО-ДПМНЕ додава дека „иднината која ја нуди СДСМ веќе ја видовме, тоа е изневерени очекувања, криминални тендери, хедонизам, и корупција“.
– СДСМ со капитулантскиот договор меѓу другото го загрози и институционалниот идентитет. Смената на имињата на сите државни институции и бришењето на зборот Македонија значи директно загрозување на македонскиот идентитет. Но Република Македонија има и друг проблем, а тоа се криминалиите кои станаа основен белег на оваа власт. Со вакви антидржавни политики на Заев и СДСМ нема да се доближиме до ЕУ и НАТО, смета најголемата опозициска партија.
СДСМ, пак, и во денешното партиско сооопштение во серија повторува дека „Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се уште не се изјасниле за референдумот и немаат јасен став за најважните прашања за државата и граѓаните“.
– Тоа говори за несериозниот, неодговорен однос на оваа опозициона партија и нејзиното раководство кон граѓаните и иднината на државата. ЕУ и НАТО се нашата иднина. Секој што е за просперитетна иднина, со зачуван и зајакнат идентитет ќе го поддржи рефереднумот на кој граѓаните ќе го имаат последниот збор. Граѓаните нема да дозволат однесувањето на ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски да ја закочи македонската иднина. Граѓаните се јасно определни за иднина, порачуваат од Центар за комуникации со јавноста на СДСМ.
И во серијал ги повторуваат истите соопштенија со познатите фрази за „иднина и зајакнат идентитет“.