Зоран Заев и Драган Тевдовски вчера повторно ја задолжија државата, овој пат за 40 милиони евра, реагира опозициската ВМРО-ДПМНЕ и бара одговор од премиерот и министерот да им објаснат на граѓаните каде се трошат парите со кои и бебињата се заборчуваат.

– Зоран Заев ги задолжува македонските граѓани по 2,5 милиони евра секој ден. И празник и делник Зоран Заев зема едно ипол евро, кое ќе треба да го враќа секој жител на Македонија. И бебињата и пензионерите и вработените и невработените, буквално секој поединец ќе треба да враќа по приближно 20 евра. Од почетокот на годината до сега толку Заев го има задолжено секој човек поединечно. Едно четиричлено семејство има за враќање неверојатни 800 евра, се вели во реакцијата.

Партијата потсетува дека само вчера државата е задолжена за нови 40 милиони евра.

– Не поминува месец, а власта да не земе заем. Се земаат милиони кои треба да ги враќаат идните генерации, а притоа ништо не се прави, нема инвестиции, нема проекти. Задолжувањето е единствено оправдано кога со него се финансираат капитални проекти. Во Македонија под СДСМ капитални проекти нема. Имаме само стагнација. Заев и Тевдовски треба да одговорат каде завршуваат милионите кои секој месец ги земаат? Дали државата ја задолжуваат за да ги плаќаат вработувањата на роднините на функционерите кои ги вработија во јавниот сектор? Или можеби одат за тендери кои ги добиваат фирми блиски до власта? Откако СДСМ ја води државата долгот се зголемува. Над половина милијарда евра е новиот долг на државата. А притоа нема ништо изградено. Како тргнале бројчаникот за задолжување наскоро ќе прегрее. Заев и Тевдовски буквално ја туркаат државата кон сиромаштија. Метлата која што ја најави Заев треба да ги измете и него и Тевдовски. Во спротивно штетите по буџетот ќе бидат огромни, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.