Зоран Заев го брише македонското минато, ја загрозува сегашноста и ја уништува иднината, стои во денешното соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.
-Зоран Заев срамно тргува со името Република Македонија и се согласува на промена на македонскиот идентитет. Зоран Заев ги понижи сите пријателски земји кои беа одважни и го видоа непринципиелниот став на соседна Грција па одлучија Република Македонија да ја признаат под уставното име. Лажгото Заев пред една година се колнеше дека на ниту една од овие земји не може да им кажеме дека згрешиле. Сега, како да менува име на сопствена фирма, одлучи да ги прифати грчките црвени линии, да го смени уставното име и да ги известува сите пријтелски земји дека згрешиле што не признале и комуницираат со нас под уставното име Република Македонија. Зоран Заев не го прави ова во знак на сеќавање на генерациите пред нас кои се жртвувале за името Република Македонија. Зоран Заев не го прави ова ниту за актуелните генерации кои се родени во Република Македонија и сакаат да продолжат да живеат во Република Македонија. Не го прави ова ниту за идните генерации на кои треба да им го оставиме во наследство македонскиот идентитет, потенцираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата велат дека Зоран Заев ги прифаќа целосно сите грчки позиции од сомнителни интереси.
-Зоран Заев со манипулации се обидува капитулантскиот договор да го претстави како зацврстување на македонскиот национален идентитет, а во суштина е сечење на корените на идентитетот на државата. Заев лажеше дека го зацврстува македонскиот национален идентитет. Грчкиот премиер Ципрас преку социјалните мрежи јасно кажа дека договорот не значи признавање на македонска нација. Договорот постигнат помеѓу Заев и Ципрас е директен удар врз правото на самоопределување на македонскиот народ и негово историско понижување. Ваквиот лош и штетен договор за Република Македонија е резултат на неспособноста на оваа влада и Зоран Заев. Заев се колнеше во своите деца и претци дека нема на прифати промени на Уставот заради промена на државното име, а сега го промовира бришењето на Република Македонија од Уставот и нејзино преименување. ВМРО-ДПМНЕ стои цврсто во одбрана на уставното име и идентитетот на нашата Република Македонија. ВМРО-ДПМНЕ ги повикува сите граѓани на Република Македонија кои не се согласуваат со овие погрешни политики на Заев и СДСМ и сакаат да се спротивстават на овој капитулантски договор да ни се придружат на протесниот марш кој што ќе се одржи во Битола во недела со почеток во 13 часот, велат од партијата.