Зоран Заев и СДСМ спротивно на волјата на граѓаните, насилнички со уцени и закани ги погазија Уставот и законите и го променија името на Република Македонија, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на синоќешната смена на уставното име на Република Македонија.
– Народот јасно порача дека е против промена на името на државата, но сепак аболицираниот Зоран Заев реши по секоја цена да ги продаде државните и национални интереси. Зоран Заев и неговите 81 очајник ја донесоа најсрамната и најцрната одлука во историјата на нашата држава. Тие мислејќи само на сопствените кариери и џебови нанесоа огромна штета и неправда на државата, македонскиот народ, нашите предци, но идните генерации. Со промената на уставното име и со договорот од Преспа, Заев и неговите 81 очајник го менуваат македонскиот идентитет, јазик, култура, традиција и историја, се вели во реакцијата.
Натаму се додава дека Зоран Заев ќе остане запаметен како политичарот кој на криминален начин по пат на уцени и закани ја продал Република Македонија.
– ВМРО-ДПМНЕ не го поддржува овој срамен чин на владејачкото мнозинство и е против промената на Уставот со цел промена на уставното име на Република Македонија. Затоа ВМРО-ДПМНЕ ќе стори се што е во негова моќ оваа неправда да биде исправена. СДСМ и Заев во две години не сработија ништо за да го подобрат животот на граѓаните, фокусирани беа само како да ја продадат државата. Македонија со СДСМ само уназадува и губи. Затоа тие мора да си заминат за конечно државата да оди напред и да се подобри стандардот на македонските граѓани. Затоа ВМРО-ДПМНЕ бара распишување на предвремени парламентарни избори заедно со претседателските, на кои ќе победи Македонија, а оваа криминогена и црна власт на СДСМ ќе замине на темната страна на историјата, се вели во реакцијата од опозициската партија, чија пратеничка група го бојкотираше гласањето за смена на уставното име на државата.