Зоран Заев и СДСМ за само десетина дена се фатени како крадат 45 милиони евра, пари на граѓаните. Цели 35 милиони евра од здравство и уште 10,5 милиони од фондот за иновации завршуваат кај партиски донатори, функционери или млади момчиња кои треба да ги сокријат вистинските моќници, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
– Компании на вицепремиерот и други функционери од власта добиваат грантови од стотици илјади евра, додека Заев ги распродава националните интереси. Десетици милиони евра се делат на фирма формирана пред четири месеци, која како прва зделка добива тригодишен монопол на лабораториските испитувања. Министерот Филипче се колне дека не знаел каде ќе плаќа 35 милиони евра, додека Заев смислува манипулации за да добие поддршка за неговото прифаќање на грчките црвени линии. Овие луѓе ни ја водат државата, велат од најголемата опозициска партија.
Нив, се додава натаму во соопштението, не ги интересираат животот и стандардот на граѓаните на Република Македонија туку парите, тендерите, матните бизниси, профитот и личното богатење.
– Наместо да се приближуваме со стандардите и реформите до Европската Унија и НАТО, Македонија се повеќе и повеќе тоне и се доближува кон земјите од третиот свет. Сметката за оваа неспособност, алчност и расипништво секогаш на крај ја плаќа народот. СДСМ загази во криминал и сите манипулации околу референдумот и партиските преговори се само обид да се покрие грабежот што се одвива во моментов. Додека од една страна економски ја пустошат Република Македонија од друга страна Заев и владејачкото мнозинство со сите сили настојуваат да го реализираат штетниот и капитулантски договор со Грција. Нив не ги интересира ниту Устав, ниту закони, а најмалку достоинството на Македонија и македонските граѓани, се вели во соопштението.
Натаму се додава дека „со капитулантскиот договор се брише името Република Македонија, македонската историја, традиција и култура а во ниту еден случај не се гарантира македонскиот идентитет“.
– Огромното мнозинство на граѓаните на Република Македонија даваат поддршка на европските и западни вредности, но не ги поддржуваат катастрофални политики водени од Заев. Правдата и сигурноста мора да се вратат во Република Македонија. Сите оние кои сега ги кршат законите и Уставот ќе одговараат затоа што тоа е единствената и исправна работа која мора да се направи. Законите мора да важат подеднакво за сите. Одговорност мора и ќе има, кога правдата ќе се врати, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Со сооопштение одговори и СДСМ, но наместо со аргументи одговара со контраобвинување:
– Грабежот е политичка мантра на ВМРО-ДПМНЕ, но тоа заврши со промената на власта. ВМРО-ДПМНЕ знаат дека најголемите криминалци се дел од фамилијата којашто изнесе милијарди евра надвор од државата, додека граѓаните тонеа во сиромаштија, но исто така треба да знаат дека парите стекнати на незаконски начин ќе бидат вратени назад во Буџетот, назад кај граѓаните. Македонија расчистува со криминалот на ВМРО-ДПМНЕ и чекори напред. Од заробена, сиромашна и изолирана држава, денес Македонија е слободна и напредна држава, пријател на демократскиот свет. Му се допаѓало тоа или не на ВМРО-ДПМНЕ, успесите на Македонија се препознаени и денес државата одлучно чекори кон влез во НАТО и почеток на преговори со ЕУ. Граѓаните ги поразија погубните политики на ВМРО-ДПМНЕ, ќе го поразат и неговото деструктивно однесување, граѓаните велат ДА за македонската иднина, се вели во соопштението на СДСМ.
По објавите во медиумите за злоупотреби при доделување на грантови по јавен повик од Фондот за иновации и технолошки развој, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција оформи предмет по допрен глас.
Од Обвинителството соопштуваат дека преземаат дејствија за утврдување на факти во предметот, а во врска со евентуални сторени кривични дела во постапката по јавен повик за финансирање проекти во рамки на третиот столб од Планот за економски раст – прв инвестициски бран.