Лаги, расипништво и економско пропаѓање се главните обележја на едногодишното владеење на Зоран Заев и криминалниот клан околу него. Животот дојде, но само за Заев, Вицето, Анѓушев, Шекеринска и функционерите на СДСМ, се вели во рекацијата на ВМРО-ДПМНЕ.
– Останатите граѓани се борат за преживување, а државата е клекната на колена. Бесрамно се тргува со највисоките национални и државни интереси за да се покрие неспособноста на владата. Народот осиромашува. Се зголемуваат акцизите, а цените на горивата неконтролирано растат. СДСМ ги понижува сиромашните дека тоа немале да го почувствуваат затоа што тие и онака не се како Заеви па не возат автомобили. Повисоки пензии нема, а нема ни просечна плата од 30.000 денари. Економијата на Република Македонија тоне. Оваа влада ниту има план, ниту знае како да ја води државата, рече на денешната прес-конференција Владо Мисајловски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Во услови на економски раст во сите земји од регионот и Европа, се вели натаму во реакцијата, БДП во Република Македонија заглави на нула.
– Капитални инвестиции нема, а власта се задолжува без основа. Јавниот долг за првпат во историјата ја надмина психолошката граница од 5 милијарди евра. Секое семејство должи 10.200 евра. Новото задолжување само за првите три месеци од 2018 година изнесува над 300 милиони евра. Криминалниот картел е целосно без компас. Владата планира да продолжи со расипништвото и во наредните две години. Според фискалната стратегија на Министерството за финансии, јавниот долг до 2021 ќе надмине и 6 милијарди евра. Владата која наследи долг од 4.7 милијарди евра во 2017 година, ако продолжи со расипништвото до крајот на мандатот ќе го зголеми долгот за неверојатни милијарда и пол евра, рече Мисајловски.
– Од проекти во инфраструктурата видовме само дека знаат да играат чочек во тунели изградени од владата на ВМРО-ДПМНЕ. Сите инфраструктурни проекти со кои овој криминален картел сега се фали, без никаква основа беа стопирани повеќе месеци, а некои од нив и година дена. Автопатот Демир Капија – Смоквица, целосно завршен од владата на ВМРО-ДПМНЕ чекаше цела година пред да биде пуштен во употреба. Работата на автопатите Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид, како и друг број на магистрални патишта низ државата беше со месеци во застој. Сега гледаме како истите инфраструктурни објекти и проекти кои беа во крајна фаза на реализација уште во времето на ВМРО-ДПМНЕ ги претставуваат како свои. Добро е СДСМ да ги продолжи проектите што ги започна ВМРО-ДПМНЕ, но мора поголема посветеност и ефикасност во реализацијата, но истовремено и да се обидат да осмислат и отпочнат и нови проекти, се вели во реакцијата по повод една година влада на СДСМ.
Премиерот Заев, се вели натаму, си најавува пресуди, а судиите излегуваат само да ги прочитаат додека зад кулисите се договара ново име на државата и се тргува со националниот идентитет.
– Доволно е секој граѓанин да се запраша дали живее подобро во однос на претходната година? Дали има повисока пензија? Дали може да му купи повеќе на своето дете? Дали има подобра здравствена грижа? Дали младите имаат повеќе пари и повеќе работа? Дали може повеќе и поевтино да патуваат? Дали земјоделците добија зелена нафта и дали имаат гарантиран откуп и повисоки цени за своите производи? Има безброј прашања кои секој од нас може и треба да си ги постави за годината што измина. Секој го знае одговорот за тоа како владее Заев и криминалниот картел околу него, истакна потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ.