ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение реагира на наводите за можни обиди за промена на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, при што од партијата отфрлаат каква било поврзаност со фракциите во опозициската партија кои, според нив, бараат негова смена.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека го разбираат стравот на Филипче дека би можел да биде сменет од лидерската позиција, оценувајќи дека тоа, како што наведуваат, е последица на фрагментираноста во СДСМ.

„Не можејќи да се соочи со сопствените грешки и пропусти, тој за обидите за негова смена ја обвинува ВМРО-ДПМНЕ. ВМРО-ДПМНЕ нема никаква врска со фракциите кои бараат смена на Венко Филипче“, се наведува во партиското соопштение.

Од владејачката партија истовремено го критикуваат Филипче за неговиот политички учинок, наведувајќи дека тој „редовно губи на избори“ и дека продолжува со политиката на поранешниот лидер на СДСМ, Зоран Заев.

ВМРО-ДПМНЕ во соопштението упатува и низа обвинувања кон Филипче поврзани со неговото поранешно министерување со здравството, меѓу кои ги споменува набавката на кинески вакцини, имотите, односите со веледрогерии и пожарот во модуларната болница. Овие наводи се дел од политичката критика на ВМРО-ДПМНЕ.

„Најдобро решение за ВМРО-ДПМНЕ е Филипче да продолжи да ја води СДС“, додаваат од партијата.