Се очекува климата на Земјата во 2030 година да биде како што беше пред три милиони години, се наведува во студија објавена во магазинот Американска научна академија (ПНАС).

Тој период е средина на Плиоценот, кога Земјата беше зафатена од суша, Северна и Јужна Америка се уште не беа споени, Гренланд се уште не беше замрзнат, а нивото на океаните беше 18 метри повисоко одсега.

Просечната температура на воздухот беше од 1,8 до 3,6 степени Целзиусови над сегашната.

– Се движиме кон драматични промени во исклучително кратко време, изјави Џек Вилијамс, професор на науката за Земјата и експерт за палео-екологија и климатологија на Универзитетот во Висконсин, во градот Медисон.

Истражувачите проценуваат дека ако се продолжи како досега со испуштање на јаглерод диксид во атмосферата до 2150 година Земјата ќе се врати во состојба каква што имаше пред 50 милиони години односно на почеток на еволуцијата на првите цицачи, кога одамна беа изумрени диносаурусите (пред 65 милиони години).

– На мразот на половите на Земја потребно му е долго време да се стопи, така што Гренланд нема повторно да биде зелен во следниот век, посочи Вилијамс.

Тој додаде дека за тоа време нивото на океаните нема да порасне за 18 метри, но оти загревањето ќе ги изненади живите видови, на кои им беа потребни милиони години да се развијат во сегашната форма.

– Многу видови ќе исчезнат. Тоа укажува како можеме да влијаеме на својата историја и на историјата на Земјатам, така што треба да ги разбереме сегашните промени и да се прилагодиме, потенцира Вилијамс.