Носењето заштитна маска од денеска станува задолжително во Букурешт на прометни јавни места, како што се пазари, јавен превоз, малопродажен простор, како и на работно место.
Градскиот комитет за итни случаи во Букурешт се состана вчера на итен состанок, откако инциденцата во главниот град во последните 14 дена достигна 4,35 случаи на зараза на 1.000 жители. Букурешт официјално влезе во црвеното сценарио (над тројца инфицирани на 1.000 жители) на 25 септември, што доведе до воведување на некои рестриктивни мерки.
Ресторани и кафулиња со затворен простор можат да работат со 50 проценти од нивниот капацитет, а барови, клубови и дискотеки – до 30 проценти. Кино салите, театрите и концертните сали, исто така, можат да пополнат не повеќе од половина од нивните седишта. До 200 луѓе можат да присуствуваат на приватни настани како што се свадби, крштевки итн.
До 150 луѓе можат да учествуваат на конференции, а до 100 луѓе можат да присуствуваат на митинзи и демонстрации. За пристап на такви места и настани задолжително е да се приложи сертификат за вакцинација против Ковид – 19 или негативен тест. Сертификат е потребен и за деца над 12 години.